Воспитување

Оставете го детето да биде неуредно додека јаде

Ешли Трн е мајка на две деца и од прва рака знае како нередот во текот на оброкот може да ве доведе до лудило. Но, како педијатриски терапевт, специјализирана за сензорни прашања поврзани за хранењето и пребирливата исхрана, исто така, знае дека има многу предности во тоа да се остават децата неуредно да јадат отколку да имаат нередовни оброци.

Многу мајки го одложуваат пуштањето на своите деца сами да се хранат за да избегнат неред. Проблемот што не им дозволуваат да истражуваат со рацете е во тоа што во некои случаи може да доведе до попречување на нормалниот образец на хранење и долгорочно може да придонесе кон поселективни обрасци на исхрана.

Бебињата учат преку допир

Можеби би било корисно прво да дознаете како бебињата учат за светот околу себе во првата година од животот. Тие се поттикнати со своите тактилни чувства и го истражуваат светот околу себе со своето чувство за допир. Допираат, чувствуваат и ги истражуваат предметите што им се на дофат и потоа ги ставаат в уста. Тоа им помага да научат повеќе за своето опкружување. Токму на врвовите на прстите, усните и јазикот се наоѓаат повеќе сензорни рецептори (клетки кои испраќаат тактилни информации до мозокот да ни помогне да сфатиме за што се работи и какво е чувството) отколку во која било друга регија во целото човечко тело. Бебињата учат за прифаќањето на новите текстури по многу специфичен редослед на допир: најпрво со рацете, потоа со усните. На бебињата и децата треба да им се даде шанса да ја допрат, почувствуваат и помирисаат храната за да одлучат дали ќе ја пробаат.

Бебињата природно копнеат по автономија

Друга важна карактеристика на бебињата, својствена и вродена, е тоа што имаат природна потреба и желба за автономија и независност. Едноставно кажано, тие сакаат самостојно да откријат како функционираат работите. Ова може да објасни зошто често првите зборови на детето се „не“, „јас“ или „мое“. Секако, некои бебиња се попасивни од другите, но во повеќето случаи децата сакаат да прават работи за себе. Тоа е многу важно во текот на периодот на хранење. Важно е да им се овозможи самите да ја истражуваат храната кога се подготвени и да не ги спречуваме во овој вроден нагон за самостојност за хранење. Токму таа самостојност може да постави рамка за развој на здрав однос со храната.

Нередот е во ред

Преголемата заштита и претераното чистење ги научило децата дека нередот не е во ред. Детето на кое му недостигаат основни искуства со текстури и никогаш не било изложено на неуредни текстури во природата, може да стане премногу чувствително на тактилни информации. Сензорно поврзаната дијагноза е во пораст повеќе од кога и да е. Мораме да ги научиме децата дека нередот е во ред и е пресуден дел од играта и детскиот развој. На бебињата и децата треба да им се дозволи да се извалкаат и да ја почувствуваат својата храна со рацете, бидејќи овој важен дел од сензорната игра поттикнува толеранција на поширок избор на текстури.

Самостојното хранење поттикнува координација рака-око и фини моторички способности

Последна, но секако не најмалку важна причина поради која нередот во текот на хранењето е во корист на бебињата е тоа што нередот го поттикнува развојот на координацијата рака-око и фините моторички способности. Овие вештини на рацете влијаат врз многу животни вештини. Неколку примери на животни вештини кои зависат од координацијата рака-очи се облекувањето, пишувањето, врзувањето чевли, употребата на садови и сечењето.

Автор: Карина Шиждрак

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top