Здравје

Оставете ги децата да си играат боси – тоа е добро за нивниот развој

На игралиште ќе наидете на родител кој ги остава своите деца да ги соблечат чевлите и чорапите и да трчаат наоколу боси. Има и други што инсистираат децата да останат со чевлите на нозете додека играат, можеби затоа што сметаат дека децата може да се повредат. Ако сте едни од тие родители, не плашете се. Според „Вашингтон пост“, и децата и возрасните што почесто одат боси имаат поголемо чувство за своето опкружување и полесно може да забележат остар објект кој треба да го избегнат. Нозете на децата побрзо се зацврстуваат ако почесто се боси, што доведува до поголема природна заштита.

Ако се плашите од бактерии, имајте предвид дека болестите повеќе се шират преку рацете на децата отколку преку нозете. Тоа е така бидејќи рацете ги ставаат в уста, јадат без да се измијат, или едноставно го бришат носот со раката, со што ги внесуваат бактериите во организмот. Кожата ги држи надвор патогените, но носот и устата се местата од каде што влегуваат болестите.

Чевлите се, всушност, одлични за задржување на бактериите и влажноста од кожата, што може да доведе до габични инфекции или оштетени стапала. Но, и придобивките од одењето бос се големи, според експертите и истражувањата.

Адам Стајнберг во текст за „Њујорк магазин“ споменува студии кои покажале дека луѓето имале поздрави нозе пред да бидат измислени чевлите. „Потребни биле 4 милиони години за да се развие уникатното човечко стапало и неговата форма… за само неколку илјади години, со нашите чевли, ние сме ја промениле анатомската форма на стапалото, опструирајќи ја неговата ефикасност, додавајќи му стрес и одбивајќи ја природната форма на движење“, истакнал д-р Вилијам А. Роси.

Кај бебињата и малите деца, освен што ќе имаат здрави нозе ако одат боси почесто, придобивките се однесуваат и на нервниот систем и неговиот развој. Д-р Кејси Флегал, која е специјалист по педијатрија, вели: „Еден од наједноставните начини да се мотивира развојот е да се оставаат нашите деца боси колку што е можно почесто. Друга придобивка од одењето бос е охрабрувањето на присутноста на умот и свесната совесност. Како што малите стапала на бебињата се движат, тие всушност истражуваат, информациите се пренесуваат до мозокот и се развиваат сензорните, перцептивните патишта. Со тоа се креира фокус и свесност за одењето и движењето низ просторот – па бебињата се повеќе вклучени во опкружувањето“.

„Револуционерно родителско радио“ е шоу кое е посветено да им помага на луѓето да одгледуваат физички и психолошки здрави деца. Основачот Кевин Гери вели дека чевлите може да им наштетат на децата со тоа што ќе го спречат стапалото соодветно да се развие, а следствено на тоа и соодветно да функционира. Ако почесто одат боси, децата го зајакнуваат долниот дел од ногата и стапалата, па тоа може да доведе до превенција при повреда на долг рок. Исто така, се зголемува свесноста за телото кај децата. Гери изјавил за „Вашингтон пост“ дека нашите стапала се всушност чувствителни. Луѓето може да балансираат, да се качуваат и да се вртат подобро боси отколку со чевли на нив.

Со сите докажани придобивки од босите нозе, следниот пат кога вашето дете ќе бара да ги соблече чевлите и чорапите и да игра, кажете „да“ бидејќи тоа е одлично за неговиот развој.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top