Проектот на „Пивара Скопје“ се реализира преку интерактивни презентации, на сликовит и забавен начин, а тие се приспособени на возраста на учениците
Kако правилно да го носaт школскиот ранец, како да го држат телото при седење во училишната клупа, кога пишуваат или се пред компјутер, но и како да не се повредат кога ќе се лизнат, препнат или паднат… Ова е само дел од она што го научија околу 8.400 ученици од 112 основни училишта во 17 општини преку едукативниот проект на „Пивара Скопје“, кој петта година по ред се спроведува во соработка со општините и основните училишта од целата земја. Вкупната бројка на ученици што досега имаа можност да се едуцираат за безбедни и здрави школски денови надмина 26.900.
И годинава едукативниот проект наменет за учениците од четврто одделение волонтерски го спроведоа над 70 вработени и членови на менаџерскиот тим на „Пивара Скопје“, кои континуирано се обучуваат во областа на здравјето и безбедноста при работа. Стекнатото знаење им го пренесуваат и на учениците.
Проектот се реализира преку интерактивни презентации, а тие се приспособени на возраста на учениците. Основците, во присуство на своите наставници, добиваат корисни совети и за тоа како да се грижат за животната средина, за хигиената во училиштето и надвор од него. Тие учат и како да постапат при евентуална појава на пожар во училиштето или во други објекти во кои престојуваат.
– Со советите и примерите кои на сликовит и забавен начин им ги пренесуваме на учениците сакаме да ги поттикнеме да размислуваат како да го заштитат и унапредат сопственото, но и здравјето и безбедноста на другите, особено во училиштето каде што поминуваат добар дел од своето време, како и надвор од него. Тргнуваме од тоа дека добрите животни навики подобро се прифаќаат на помлада возраст и кога се споделуваат со останатите врсници. Среќни сме што на сите досегашни презентации во изминатите пет години наидуваме на одличен прием кај учениците и нивните наставници, што е најдобар показател дека ја постигнуваме нашата цел – како компанија, но и како поединци, да дадеме придонес кон создавањето нови здрави генерации и одржлива иднина за сите – вели Владимир Косијер, генерален директор на „Пивара Скопје“.
Овој едукативен училиштен проект е само еден сегмент од континуираните вложувања и напори на „Пивара Скопје“ и на нејзините вработени за поддршка и унапредување на квалитетот на животот на сите членови на заедницата. Во областа на здравјето и безбедноста, „Пивара Скопје“ е меѓу првите компании во земјата што уште од 2007 година го има воведено и е сертифицирана според водечкиот меѓународен стандард за управување со безбедноста и здравјето при работа – OHSAS 18001. За своите постојани вложувања, постигнатите резултати и грижата за здравјето и безбедноста на своите вработени, на потрошувачите и на пошироката заедница, компанијата ја доби и Националната награда за најдобри практики од областа на безбедноста и здравјето при работа.
912