Има многу барања од родителите за екскурзии и за настава во природа, но МОН вели дека засега нема да има. Комисијата за заразни болести препорача да има екскурзии, но тоа не е поминато на седница на Влада, вели директорката Светлана Масларевска
Министерството за образование и наука веќе испратило писмено известување со насоки за постапување до училиштата, согласно кое не е дозволено организирање на ученички екскурзии. Сепак, и покрај тоа има родители кои бараат да се организираат овие екскурзии со оглед на олабавените мерки за кои одлуки носи Комисијата за заразни болести.
– Имаше предлог од Комисијата за заразни болести да има екскурзии, но тоа не е поминато на седница на Влада. Во оној момент кога ќе добиеме на писмено дека смееме да организираме, тогаш ќе ја почнеме процедурата за организација на екскурзии. Ќе си има постапка и комисија составена од родители од тие паралелки чии деца одат на екскурзија, па ќе одлучат каде ќе се оди. Ако деновиве ни дадат зелено светло, би можеле да се организираме, но има рокови, избор, па рок за жалби. Ако успееме, ќе биде добро. Има многу барања од родителите за екскурзии и за настава во природа – вели Светлана Масларевска, директорката на училиштето „Коле Неделковски“ во Општина Центар, Скопје.
Според програмата, во петто одделение се организира настава во природа и тоа во мај. Во деветто, шесто и во седмо одделение исто така екскурзиите се планираат во мај, а има и еднодневни излети (еден пролетен и еден есенски) кога одат сите ученици од прво до деветто одделение.
Во врска со полуматурите, Масларевска вели дека лани родителите се обиделе сами да се организираат, но училишното раководство не ги поддржало, а исто е и годинава.
– Таквата организација е избор на родителите и треба да се случи по 10 јуни, откако ќе заврши наставата. Во текот на наставата не смее да се организираат – додава директорката.
Екскурзии нема и во други основни училишта со кои контактиравме.
Така е и во „Живко Брајковски“ во Општина Бутел.
– Официјално чекаме од Министерството за образование да ни даде дозвола. Ние имаме програма за екскурзии која е одобрена, но МОН ни имаше наведено дека таа се реализира во координација со Комисијата за заразни болести. Ако ни дозволат, ќе организираме – велат во училиштето.
912