Кога почнува дохраната на детето, се подготвуваат кашички, а повеќето родители се трудат да подготвуваат оброци за бебето од органски намирници. Но, како што детето расте, сите малку попуштаме во тој стремеж оброците да бидат од органски намирници бидејќи децата влегуваат во фаза кога одбираат што сакаат, а што не сакаат да јадат. Се разбира, колку што се поголеми, толку е потешко да им се наметнат здрави прехранбени опции.

Можеби најновите студии ќе ве поттикнат да смислите начини како на децата да им „наметнете“ органски намирници бидејќи покажале дека консумирањето органска храна придонесува за подобар когнитивен развој на малечките. Органската храна секогаш се сметала за „врвен“ избор на хранливи материи кои се потребни за здраво функционирање на човечкиот организам, а многумина се обидуваат да ја стават на своето мени иако ценовно им е помалку достапна од другата храна. Оваа студија ја спровеле Институтот за глобално здравје во Барселона и Институтот „Пере Биргили“, а е објавена во магазинот „Загадувањето во животната средина“.

Накратко, научниците потврдиле дека децата од училишна возраст кои како малечки јаделе претежно органска храна, постигнале подобри резултати во решавањето задачи со логички проблеми.

Научникот Јоди Јулвез вели дека една од причините за ваквите резултати е тоа што органските намирници се побогати со хранливи материи кои влијаат врз развојот на мозокот. Имено, масните киселини, витамини и антиоксиданси во оваа храна ги подобруваат когнитивните функции и развојот на мозокот во детството. Студијата, исто така, открила дека брзата храна, пиењето газирани пијалаци, збогатени со шеќер и конзерванси, како и изложеноста на чадот од цигарите го спречуваат развојот и тие намирници треба да се избегнуваат.

Во истражувањето учествувале повеќе од 1.200 деца на возраст од 6 до 11 години од 6 различни европски земји. Целта на студијата била да се испита на што сè е изложен мозок и што може да влијае врз неговиот развој во фазата од 0 до 6 години, со оглед на тоа дека тогаш најбрзо се развива. Се разбира, тоа не значи дека децата мора да јадат исклучиво органска храна, туку дека внесот на органска храна би требало да биде поголем од внесот на процесирана храна.

Иако овие сознанија може да го комплицираат животот на родителите бидејќи се потребни повеќе финансии, како и дополнително време за набавка и подготовка на органски намирници, научниците ги поттикнуваат родителите да ја вклучат органската храна во согласност со нивните можности.

Автор: Сања Маташиќ

Извор



912

X