Децата што имаат чести апнеи имаат лош квалитет на сонот. Со текот на времето, доколку не се лекува ноќната апнеа, може да резултира со сериозни здравствени проблеми

Што претставува опструктивната ноќна апнеа (ОСА)?

Проблем кој влијае врз дишењето на детето за време на сон. Се јавува поради пречки во струењето на воздухот кон белите дробови. Апнеа значи пауза во дишењето од најмалку 10 секунди. Дете со опструктивна ноќна апнеа има паузи на внес на воздухот кон белите дробови, а овие паузи се случуваат повремено.
Децата што имаат чести апнеи имаат лош квалитет на сонот. Со текот на времето, доколку не се лекува ноќната апнеа, може да резултира со сериозни здравствени проблеми. Околу 10 проценти од децата ‘рчат редовно, но само 1-5% од децата што ‘рчат имаат ноќна апнеа.

Во кои состојби се јавува опструктивна ноќна апнеа кај децата?

Кај децата може да има повеќе фактори на ризик за ноќна апнеа. Најчести фактори на ризик за ОСА кај децата се:

Големите крајници и/или аденоиди – Големите крајници и/или аденоиди може да ги блокираат дишните патишта. Ова е најчестиот фактор на ризик за ОСА кај децата. Крајници и аденоиди се лимфни јазли кои се зголемуваат при инфекции, алергии, враќање киселини од желудникот, некои видови анемија. Многу од децата имаат големи крајници или аденоиди, но не сите ќе имаат ноќна апнеа.

Дебелината – Децата што се многу дебели се со поголема веројатност да имаат нoќна апнеа.

Проблеми со мускулниот тонус – Децата може да имаат проблеми со дишењето за време на сон бидејќи мускулите на грлото премногу се релаксираат и ги блокираат дишните патишта. Ова може да се случи кај секое дете, но особено кај деца со мускулна дистрофија и церебрална парализа.

Генски синдроми – Деца со одредени генски болести како Даунов синдром и Прадер-Вили синдром може да имаат ОСА.

Видливи или суптилни промени во морфологијата на лицето и ждрелото може да се ризик за ноќна апнеа. На пример, мала брада или грлото, голем јазик, или расцеп на непцето, може да резултира со ОСА.

Проблеми со контролата на дишењето – Некои проблеми во развојот на мозокот може да влијаат врз дишењето кај детето во текот на спиењето.

Семејна историја – Ноќна апнеа може да се јави и кај други членови во семејството, па ризикот на детето за ОСА е поголем ако и друг член на семејството има вакви симптоми.

Кога родителот да се посомнева за ноќна апнеа кај своето дете?

Постојат многу индиции дека вашето дете може да има ноќна апнеа. За време на спиењето вашето дете може да има:
‘Рчење кое може или не мора да биде гласно. ‘Рчењето може да е повремено во текот на ноќта, но се слуша секоја вечер.

Да има чујно дишење или глад за воздух, кога вашето дете лежи на грб.

Дишењето е со прекини.

Проблеми со дишењето преку носот – децата ја држат устата отворена. Ова се забележува и во текот на денот.

Немирен сон со често вртење или заземање невообичаени позиција.

Често будење од сон.

Појава на ноќно мокрење, особено ако вашето дете веќе воспоставило контрола на свинктерите, односно престанало да мокри во кревет ноќе.

Недоволното спиење ноќе може да предизвика тешкотии во текот на денот. Децата со апнеа при спиење може да имаат:
-Проблеми со вниманието или послаби резултати во училиштето.
-Хиперактивност и други проблеми во однесувањето.
-Промени на личноста, како што се чудно однесување или се нервозни.
-Поспаност –заспива на час во училиште.
-Секогаш е уморно и безволно за игра.
-Има главоболки, особено во утринските часови.
-Зборува типично (назален говор).

Фото: „Жан Митрев“

Кои проблеми може да се случат доколку не се лекува ноќната апнеа?

Апнеите во сон може да влијаат врз квалитетот на животот на вашето дете, но и врз вас како родители. Непрепознавањето на оваа состојба и нејзино ненавремено лекување може да предизвикаат сериозни проблеми порано или подоцна. Некои деца можат да имаат проблеми со раст и развој. Апнеа при спиење исто така може да се предизвика други медицински состојби, како што се висок крвен притисок (хипертензија),срцево оптоварување.

Како можат родителите да дознаат дали нивното дете има опструктивна ноќна апнеа?

Родителот кој ќе ги забележи претходно посочените промени кај своето дете би требало да побара совет и помош кај својот матичен лекар или да побара помош од специјалист педијатар, оториноларинголог, невролог, ендокринолог за утврдување на причините на оваа состојба. Потврда за постоење на ОСА во тек на сон е со полисомнографско снимање, кое ќе даде одговор за тежината на симптомите во текот на сон.
Снимањето се одвива во домашни услови по претходна апликација на мал апарат (полисомнограф). Отчитувањето на наодите од снимањето ќе даде одговор на тежината на состојбата и терапевтски приод во разрешување на истата.

Прим. д-р Благица Манчева, педијатар во клиничката болница „Жан Митрев“



912

X