Наставниците прикачуваат материјали за учење, пауер поинт-презентации, квизови, а учениците ги изработуваат и повратно ги информираат наставниците

Оваа ситуација нема да трае само овие 14 дена. Предизвици има многу и се обидуваме тековно да ги надминеме. Во законите точно е определено што е вонредна ситуација и какви чекори треба да се преземат. Сите сме засегнати и мора да преземеме чекори за да се справиме со ситуацијата најдобро што можеме, рече на прес-конференцијата министерот за образование и наука Арбер Адеми. Тој со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, соопшти дека од вчера во десет училишта во оваа општина почнала електронска настава по осум предмети во 9. одделение.

– Со прогласувањето пандемија од Светската здравствена организација, во застој е формалното образование. И во предучилишното, основното, средното, високото образование и на јавните научни институти – рече Адеми.

Арбер Адеми

Богоев потенцира дека им стојат на располагање на сите општини за да го споделат своето искуство и да помогнат. Од вчера, Општина Карпош иницираше воведување на електронска настава во време на затворање на училиштата.

– За почеток воведовме осум предмети од деветто одделение. Наставниците прикачуваат материјали за учење, пауер поинт-презентации, квизови, а учениците ги изработуваат и повратно ги информираат наставниците. Од 10 основни училишта во Карпош, сите воведоа ваква настава во 9. одделение. Има повеќе платформи кои непречено може да се користат. Мнозинството од наставниците одлично ја прифатија идејата. Има и такви што сметаат дека овој вид настава не е нивна обврска. Сепак, ова се вонредни услови и платата не е намалена на ниту еден наставник. Верувам дека кај сите ќе проработи совеста и желбата да им помогнат на своите ученици и во вакви времиња да ја совладаат наставата. Навистина можеме да ги искористиме предностите на модерното време. Седете дома, учете по електронски пат. Ова не е распуст. Неопходна е дисциплина, сите сме одговорни за јавното здравје – рече Богоев.

Стефан Богоев

Адеми посочи дека во вонредни околности, МОН во соработка со многу институции направило план децата да не седат пасивно дома. Освен достапни бесплатни апликации за неформално учење дома, на МРТВ на трите канали веќе се одвива „ТВ Училница“, каде што се емитуваат едукативни содржини.

– Сепак, ова е неформално учење. Во оваа ситуација брзо реагиравме и веќе примерот со емитување едукативни содржини на националниот сервис како модел го преземаат и соседните земји. Ако има потреба, ќе го прошириме времетраењето. Да ги пофалам општините, веќе имам информации дека сите сами се организираат на свој начин, и некаков вид електронска настава има. Општина Карпош е еден од позитивните примери – веќе се организира со платформа за учење од дома. Апелирам до сите институции да се организираат самостојно колку можат и во овие времиња кога треба приоритет да ни биде јавното здравје, да помогнат и да се вклучат во образовниот процес на учениците и студентите. Тековно ги следиме препораките на Владата, кои се менуваат секој ден. Во моментот администрацијата на факултетите работи. Апелирам до сите што имаат потреба од документи, ако можат, да ги извадат по електронски пат – апелира Адеми.

Тој додаде дека има многу предизвици. Не е иста состојбата во урбаните и во руралните средини, ниту сите ученици поседуваат уреди за електронски да ја следат наставата. Затоа со предизвиците тековно ќе се справуваат.



912

X