Трејси Елис Рос се спротивставува на општествените очекувања за бракот, децата и среќата. Актерката и продуцентка дискутирала на овие теми за списанието „Мери Клер“, па истакнала дека општествените пораки што им посочуваат на жените да бидат среќни и исполнети се поврзани со бракот и децата.
Рос потенцирала дека иако таа ги сака тие работи, сепак е среќна и исполнета и како сингл личност без деца. „Како може да не сакате?“, одговорила Рос кога била прашана дали сака да се омажи и да основа семејство. „Нашето општество нè храни со тоа. Порано заспивав сонувајќи ја мојата свадба. Сè уште го сакам сето тоа, но што ќе правам, само ќе седам и ќе чекам да се случи? Не. Имам многу други обврски и работи што треба да ги направам“.
Рос, која е извршен продуцент на „Миксд-иш“ шоуто на „Еј-би-си“, истакнала дека размислува и за градење пејачка кариера.
Минатата година таа ја објави својата прва песна „Се сакам себеси“, како сингл од саундтракот за филмот од 2020 година во кој таа глумеше – „Висока нота“. Добитничката на наградата „Златен глобус“ рекла дека пеењето е нејзин голем сон од порано, од кој многу се „плашела“, особено поради притисоците што произлегуваат од нејзиното потекло – бидејќи таа е ќерка на легендарната пејачка Дајана Рос. Рос изјавила за „Мери Клер“ дека сега се чувствува помалку исплашена во врска со преземањето ризици во музичкиот свет.
„На оваа возраст, грешката може да се процесира како грешка, а не како сфаќање дека јас сум грешка. Тоа е убавината. Имам 48 години, а сè уште има многу работи што може да ги пробам“.
Рос споделила слични видувања и за општествените очекувања и притисоци кои често ги погодуваат жените.
„Навистина е интересно да се биде жена и да стигнете до 45 години и да не бидете мажени и да немате деца. Мојот живот е мој. Тие зборови ме допираат. Искрено, ми предизвикуваат солзи во очите. Изгледа очигледно, но очигледно не биле, бидејќи не го живеев мојот живот како да е мој“, заклучила таа.
Автор: Кимберли Ричардс