Тргнувате на долго патување со автомобил и сте спакувале торба со грицки за децата да не бидат гладни следните неколку часа. Или, можеби доцните, па му давате ужина на вашето дете за да го смирите за време на десетминутно возење.
Речиси сите родители го прават тоа.
Но, Данах Ив, која специјализирала за совети за безбедност на жени и деца, открива дека оваа навика може да ги доведе децата во сериозно ризична ситуација. Дана, која има диплома по криминологија и психологија, вели дека иако давањето грицки во автомобил на прв поглед изгледа практично, тоа може многу брзо да се претвори во трагедија, со што се согласуваат и педијатрите.
Зошто грицките во автомобил се проблем?
– Ако вашето дете почне да се задушува додека е врзано во детското седиште, а вие сте зад воланот, нема да можете да стигнете до него навреме. Уште пострашно е што можеби воопшто нема да забележите што се случува со оглед на тоа што детето ќе се задушува, па нема да може да произведе никаков звук – вели експертот за безбедност.
Таа додава дека во таков случај, не само што ќе треба да забележите дека се задушува, туку и ќе мора да најдете безбедно место за застанување, да се одврзете, да излезете од автомобилот, да стигнете до задното седиште, да му го извадите појасот на детето и да го извадите од возилото.

Потоа, ќе треба да примените удари по грб и притисоци во пределот на стомакот за да се обидете да ја отстраните пречката.
Во коментарите под видеото што го објави Данах, многу луѓе споделиле свои искуства кога нивните деца се задушувале во автомобил додека јаделе.
– Се случи пред многу години додека се возев со пријателка и нејзиното бебе. Инстинктивно реагирав. Пријателката не можеше да поверува колку брзо постапив. Се одврзав, се провлеков меѓу седиштата, го одврзав нејзиното дете и го извадив од седиштето, па почнав да му помагам. Седевме во шок и солзи, додека нејзината ќерка, по сето тоа, весело си играше кај мене во скутот. Какво искуство. Ве молам, сфатете го ова предупредување сериозно. Благодарна сум што можев да помогнам и што детето преживеа.
Задушувањето е една од водечките причини за смрт кај децата под тригодишна возраст.
Според податоците на Фондацијата за спречување детски несреќи, малите деца се изложени на поголем ризик бидејќи имаат тесни дишни патишта и сè уште учат како правилно да џвакаат, дишат и голтаат.
Најважниот совет од фондацијата е: Секогаш бидете покрај детето додека јаде, а очигледно, ако возите и вниманието ви е насочено кон патот, вие не сте навистина покрај него.