Ова правило овозможува враќање на очите во нивната природна положба и им помага да го зачуваат соодветниот број на трепкања

Проблемот со замор на очите е проблем на светско ниво и сè почесто станува актуелен во детската возраст, но достигна значителен пораст како резултат на ефектите на светската пандемија во која моментално живееме. Работата на многумина е преселена од работното место во домовите, учениците имаат онлајн-настава и поминуваат значително време пред екраните, а сè повеќе работи за кои порано избиравме да излеземе од дома сега ги завршуваме на интернет.
Д-р Снежана Божиновска, офталмолог, објаснува дека во моментов не постои фармаколошки лек со кој ќе се спречи заморот на очите и дека најдобар начин тој да се превенира е да се следи правилото 20-20-20.

Како се применува?

– Ова правило е фокусирано на правење пауза од 20 секунди и гледање во објект кој е оддалечен 20 стапки (или 6 метри) на секои 20 минути. Ова правило овозможува враќање на очите во нивната природна положба и им помага да го зачуваат соодветниот број на трепкања. Покрај придржувањето на ова правило, важно е и да се приспособува светлината на екранот со светлината во собата, како и да се стимулираат децата да станат од столчето, да го исправат грбот и да ги истегнат главните мускулни групи за да се избегне тензија во телото и замор. Од голема важност е и детето да има удобно столче и соодветно растојание од екранот – објаснува д-р Божиновска.

Д-р Снежана Божиновска

Кога Ковид-19 ги затвори училниците и училиштата станаа виртуелни и се префрлија на настава на далечина, децата-ученици не останаа имуни на заморот и сувите очи предизвикани од постојаното концентрирано гледање во екраните на компјутерите, таблетите и мобилните телефони.
– Добрата вест е што заморот на очите сам по себе повеќе е симптом отколку патолошка состојба. Сепак, во никој случај овој симптом не треба да се игнорира – вели докторката.

Најчести причини за замор на очите

Најчести причини за замор на очите се:

-Гледање во дигитален екран долг период без пауза за одмор на очите,
-Активности кои вклучуваат продолжено фокусирање на погледот во екранот,
-Предолга изложеност на јака светлина и отсјај од екраните,
-Напрегање при гледање во простории со придушена светлина,
-Многу сув воздух предизвикан од клима-уреди,
-Постоење на недијагностициран проблем со очите или некоригиран вид.

– Прво и најважно што треба да се знае е дека не се потребни специјални очила кои вашите деца ќе бидат принудени да ги носат (освен ако не постои рефракциона аномалија). Ризикот за појава на симптоми на замор на очи се зголемува правопропорционално со времето поминато пред дигитален екран. Здравите очи немаат проблем да го фокусираат погледот на печатени материјали затоа што печатените букви се со поубаво дефинирани рабови и контраст за разлика од дигиталните. Дополнително, гледањето во екран значително го намалува бројот на трепкања во минута, кој треба да изнесува барем 18 пати во минута. Постојаниот напор на мускулите на окото за подобро фокусирање на буквите на дигиталните екрани, како и намалениот број на трепкања во минута, заедно предизвикуваат заматување на видот и уморни очи. Покрај заморот на очите, дечињата често се жалат и на главоболки, болки во рамењата, општ замор и понекогаш наведуваат дека „буквите почнуваат да им шетаат на екранот“ – вели д-р Божиновска.

На што да се внимава

Внимавајте и посветете внимание доколку вашето дете се пожали на главоболка, зачестено трепкање, чешање на очите и чувство на замор, особено ако сето ова се јавува по поминато подолго време пред дигитален екран.

– Заморот на очите сам по себе не е патолошка состојба, но секогаш треба да се мисли и на можна рефракциона аномалија, пред сè, кратковидоста (или миопијата), која е во рапиден пораст на светско ниво. Наједноставниот начин да се избегнат можните компликации е секако навремена посета на офталмолог и проверка на видот – објаснува докторката.



912

X