Почетоците на онлајн-наставата не беа лесни ниту за просветните работници, ниту за учениците, ниту за родителите. Од сите новини што овој вид настава ги воведе во секојдневието, најмногу еволуира препишувањето и мамењето за оценка, две-три или повеќе. Кога ќе помине пандемијата, ќе биде интересно да се видат некои официјални податоци за успехот на учениците. Дали, на пример, тие што отсекогаш биле добри одеднаш станале одлични?

Откако има училишта има и деца што препишуваат. Тоа што некогаш беа ливчињата хартија денес се мобилните телефони, кои пред пандемијата ги криеја од наставниците на најневеројатни места.

Што донесе онлајн-наставата и како сега изгледа мамењето?

Системот на оценување и правила што се применуваат додека детето одговара од дома варираат од училиште до училиште, од професор до професор.

– Најмалку мамат кога одговараат усно, со вклучена камера, иако реално целиот ѕид пред нив може да им биде залепен со материјалот. Кога прават тестови, тука нема никаква контрола. Можеш на кого било да му дадеш пристапна шифра за својата е-адреса и за училницата и да го направи тестот наместо тебе. Тоа е реалноста и ние го знаеме тоа – сподели наставничка од Србија, која сакаше да стане анонимна.

Кога е математиката во прашање, тука е ситуацијата нешто поразлична бидејќи задачите сепак треба некој да ги направи. Но, популарната апликација „Фотомакс“ доживеа процут. Доволно е да ја фотоскенираш задачата и да добиеш постапка и решение, што во училницата е малку потешко, особено ако немаш интернет или ако наставникот во текот на тестот шета помеѓу клупите.

– Знам кога користеа апликација бидејќи тогаш решението содржи 20 чекори, а процесот од наставата околу 6. Плус ако отсекогаш си имал проблем да дојдеш до тројка, а сега одеднаш имаш точни решенија со 20 чекори за сите задачи, се разбира дека е сомнително. Сепак, рацете ни се врзани – вели една наставничка по математика.

Иако имало доста жалби од мајки и татковци дека децата учат повеќе откако е воведена онлајн-наставата, има и такви што ги завршуваат домашните задачи и тестовите наместо децата, па масовно „летаа“ петки.

– Не им прават услуга така, им кажав на некои мајки дека тоа ќе им се удри од глава на учениците, но не вредеше. И учителката, се разбира, забележала дека одеднаш сите станале гении, јасно ѝ било што се случува, но нема начин да го променат тоа – вели мајка на дете од четврто одделение. Друга открива дека ја казнила ќерка си кога ја фатила како решението од контролниот тест го напишала на хартија која ја залепила на шише вода.

– Знаеше што ќе се има бидејќи друго одделение имаше контролен тест пред нив, а таа наставничка не ги менува прашањата. Подготвила одговори и ги залепила на шише за да не биде сомнително. Случајно влегов и видов што прави, полудев бидејќи сега тоа веќе е прифатливо, децата навикнаа да поминуваат подобро со малку вложен труд и работа. Не сфаќаат дека кога сето ова ќе помине, ќе бидат во тотален хаос – вели Славица, чија ќерка е седмо одделение.

Изгледа дека на сите им се врзани рацете и дека секој се снаоѓа како што знае и умее. Останува да лебди прашањето – што ќе правиме утре со толку одлични ученици?


Автор: Ивана Стојанов

Извор



912

X