Крвавењето од носот кај децата може да изгледа доста застрашувачки, но за среќа, ретко е сериозна состојба, а загубата на крв е обично минимална. Сепак, дефинитивно е важно да знаете што да правите ако на вашето дете му крвави носот и можеби поважно, да избегнете една грешка што ја прават речиси сите.
Имено, во минатото кога се случувало да дојде до крвавење од носот на децата, тогашните родители обично им велеле да ги навалат главите назад за да престане крвавењето. Сепак, ова е сосема погрешно бидејќи само предизвикува крвта да тече низ грлото и, во некои околности, дури може да ја зголеми опасноста од задушување, особено кај малите деца.
Исто така, може да предизвика гадење и повраќање, предупредува еден доктор, што дефинитивно не е она што го сакате.
-Навалувањето на главата назад кога ви крвави носот предизвикува повеќе крв да тече низ грлото, која потоа обично се голта. Голтањето крв може да го иритира желудникот и да доведе до гадење и повраќање – изјавил д-р Томас С. Едвардс, вонреден професор на Одделот за оториноларингологија и хирургија на глава и врат на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Емори“.
Експертите за прва помош од „ЦПР Кидс“ споделуваат што треба да направите за безбедно да го запрете крвавењето од носот на вашето дете, и за среќа, тоа е многу едноставно.
-Правилниот одговор на прва помош при крвавење од носот не е да го стискате носот и да ја навалите главата назад за да го запрете крвавењето. Првото нешто што треба да го направите е да се обидете да го смирите вашето дете бидејќи плачењето ќе го влоши крвавењето. Потоа треба да ги следите упатствата подолу:
-Ставете го детето исправено во удобна положба и навалете го малку напред.
-Стиснете го долниот, мек дел од неговиот нос, притискајќи ги ноздрите со прстите. Држете ги стиснати 10 минути. Ова е нешто што вашето дете може да го прави само кога ќе порасне.
-Важно е да не ги поместувате прстите постојано за да проверите дали крвавењето престанало. Крвта треба да се згрутчи, што одзема време. Во овој период, обидете се да му го одвлечете вниманието на вашето дете со нешто како книга и гледајте го часовникот за да се осигурите дека поминале 10 минути.
-Потоа, детето нека го издува носот и проверете дали крвавењето престанало. Ако крвавењето од носот продолжи, треба да ги стегнете ноздрите уште 10 минути.

Постојат уште неколку работи што можете да ги пробате покрај горенаведеното:
-Ако вашето дете може да истрпи, можете да ставите ладна облога на носот додека седи во вашиот скут.
-Понудете му на детето ладен пијалак за да се олади и да се ослободи од вкусот на крвта.
Автор: Наташа Златковиќ