Според извештајот на Обединетите нации, бројот на вакцинирани деца во Европа и Централна Азија сè уште не ги достигнува нивоата од пред пандемијата, а дури 14 милиони деца во светот минатата година не примиле ниту една вакцина.
Според процените за покриеност објавени во вторникот, вакцинирањето на децата во Европа и Централна Азија останува под нивото од пред пандемијата. Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ информираат дека 89 отсто од новороденчињата во светот добиле барем една доза од ДТП вакцината (против дифтерија, тетанус и голема кашлица), а 85 отсто ја примиле целата серија од три дози. Тоа значи дека во 2024 година, споредено со 2023, дополнителни 171.000 деца добиле барем една доза, а милион повеќе ја примиле целата вакцина. Извештајот го нарекува овој пораст скромен напредок во услови на сè поголеми глобални предизвици.
Над 14 милиони деца не примиле ниту една вакцина
Од друга страна, над 14 милиони деца во 2024 година не добиле ниту една вакцина, што е приближно исто како и претходната година, според здравствените претставници на ОН. Над половина од оваа бројка доаѓа од само девет земји во светот. Претставниците признаваат дека колапсот на меѓународната хуманитарна помош оваа година дополнително ќе ја отежни борбата за намалување на бројот на неимунизирани деца. Во јануари, американскиот претседател Трамп ја повлече земјата од СЗО, ја замрзна речиси целата хуманитарна помош и иницираше затворање на Американската агенција за помош на деца.
Стапките на вакцинација во Европа стагнираат или паѓаат
Во Европа и Централна Азија просечните стапки на вакцинација или останале непроменети или опаднале за еден отсто. Покриеноста значително варира од земја до земја. Во некои држави е забележан пад на првата доза од ММР вакцината (против морбили, заушки и рубеола) и на третата доза од ДТП. Во некои случаи стапката на вакцинација со ММР1 била само 23 отсто, а со ДТП3 – 51 отсто. За да се постигне колективен имунитет и да се спречат епидемии на болести што можат да се спречат со вакцини, потребна е најмалку 95-процентна покриеност секоја година.

Пораст на заразните болести
Во европскиот регион во 2024 година биле регистрирани речиси 300.000 случаи на голема кашлица, што е повеќе од тројно зголемување во споредба со претходната година, изјави регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге.
– Во меѓувреме, над 125.000 лица заболеле од морбили, двојно повеќе од 2023 година. Ова не се само бројки. Тоа се стотици илјади загрижени семејства со болни деца, а тоа можеше да се спречи – вели Клуге.
Потребна е борба против дезинформациите
Клуге ги повика земјите да инвестираат во силни локални здравствени системи, да обезбедат достапност и пристап до вакцините во секое маало, како и активно да се спротивстават на дезинформациите.
– Здравствените работници имаат потреба од поддршка за да стигнат до секое семејство особено во тешко достапни области. Заедниците мора да бидат информирани со точни и сигурни информации, за родителите со доверба да можат да ги вакцинираат своите деца – нагласи Клуге.
Регина де Доминицис, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, изјави дека вакцинацијата е жртва на сопствениот успех.
– Денешните генерации не биле сведоци на разорните последици од болестите што можат да се спречат со вакцинирање, што води кон самозадоволство и го олеснува ширењето на дезинформации – изјави таа.
Напредок и со новите вакцини
Податоците укажуваат и на континуирано подобрување во примената на новите вакцини. Меѓу 2019 и 2024 година стапките на покриеност со првата доза на вакцината против хуман папилома вирус (ХПВ) се зголемиле од 37 на 40 отсто кај девојчињата и од 8 на 26 отсто кај момчињата. Исто така, покриеноста со последната доза од вакцината против ротавирус пораснала од 24 на 42 отсто.
– Потребна ни е итна, здружена акција за да ги намалиме празнините во покриеноста со вакцинација и да спречиме враќање на болести што се целосно спречливи. Секоја земја има своја улога, дури и оние со високи стапки на вакцинираност – вели Клуге.