Ништо не би било необично ако Охрид покрај eзерото имаше затворен базен

И оваа зима, којзнае која по ред, охридскиот делфин Славчо Цветкоски брза од затворениот рекреативен базен во охридски хотел до базенот во Струга. И тоа по двапати дневно. И летото беше во трчање до базенот на СРЦ „Билјанини Извори“. И сè ќе беше поинаку ако Охрид имаше свој покриен, затворен пливачки базен во кој би тренирале децата, па ова немаше да биде секојдневието на Славчо, охридскиот делфин, поранешен меѓународен и државен првак, пионерски и кадетски државен рекордер во дисциплините 50 и 100 метри делфин. Но тоа не го запира во неговата мисија – да создава идни шампиони во пливање кои ќе го надминат учителот.

Сонот на Славчо за шампионско пливање почнал уште кога имал 7 години и кога тренирал најпрвин на охридскиот отворен базен, а потоа продолжил во струшкиот затворен базен. Нижел успеси сè до кадетските натпревари, кога тренинзите и надежите за уште поуспешна кариера биле прекинати со затворањето на затворените базени. Пливачката кариера не продолжила, но не и љубовта кон спортот, кон пливањето. Денес, со диплома на дипломиран криминолог, знаењето за пливањето несебично им го пренесува на илјадници деца од Охрид, Струга, Скопје…

Рецептот за успех е љубов кон пливањето и дисциплина

Децата велат дека е строг тренерот Славчо, но и трпелив и со благ збор, па затоа е најдобар. Како тренер почнал да работи пред 8 години, најпрво во пливачката школа „Делфини“, заедно со познатата охридска пливачка Соња Думбалоска-Делова.

– Мојот мотив за работа со деца, како поранешен активен пливач во дисциплините 50 и 100 метри делфин, е да го пренесам целото мое знаење и искуство што сум го акумулирал во текот на мојата пливачка кариера. Пред сè, сакам да им ја пренесам љубовта кон спортот, особено кон пливањето, на младите и идни спортисти – вели Цветкоски.

Охридскиот делфин, како што го нарекуваат неговите сограѓани, вели дека успехот е да се направи баланс од љубовта кон пливањето и дисциплината. За тоа треба да се има авторитет.

– За да се биде добар и успешен тренер, пред сè, мора да се биде авторитет, а дисциплината да е на прво место кај младите спортисти. Учеството на повеќе семинари и научни предавања (L1 i L2 Fina CERTIFICATE) ми овозможи добра едукација. Со моето осумгодишно искуство како пливачки тренер стекнав вештини да го изградам својот авторитет кај младите спортисти – вели тренерот.

Тој открива на што прво ги учи младите пливачи.

– Со добар педагошки пристап се трудам да им ја пренесам љубовта кон спортот, за младите спортисти да се стекнат со работна навика и спортска дисциплина, а паралелно со тоа ги учам и на основите на пливањето и пливачките техники – раскажува Славчо и не го крие жарот со кој зборува за спортските успеси на неговите ученици, како што не крие колку му е жал што му била прекината пливачката кариера.

– Со пливање активно се занимавав 15 години и вложив многу време, енергија и труд. Постигнав завидни резултати, бев државен и меѓународен првак, државен рекордер, но кога требаше најмногу да се истакнам и докажам, пливањето во Македонија сосема замре поради несовесно работење на спортските институции и поради немање концепт и план за работа. Се затворија сите покриени базени и немаше никакви услови да се продолжи со работа. Меѓу нив и струшкиот затворен базен, во кој трениравме и ние, охридските пливачи. Многу жалам за тоа што немав можност да ја продолжам својата пливачка кариера – вели охридскиот делфин.

Има наследници на Бојаџи, Савин, Маленко… Само да има каде да тренираат

Цветкоски е веќе успешен тренер. Вели дека тоа што Охрид нема покриен пливачки базен е голем хендикеп за младите спортисти-пливачи.

– Охрид отсекогаш бил расадник за талентирани и докажани пливачи. Пример за тоа се голем број потврдени спортисти со меѓународен успех, како Атина и Дики Бојаџи, Климе Савин, Александар Маленко и ред други. Огромен хендикеп е тоа што Охрид нема покриен пливачки базен. Во летниот временски период има огромен интерес за пливање. Во пливачката школа во која работиме јас и моите колеги Миле Јовановски и Соња Думбалова-Делова кои, исто така, се истакнати спортски работници и спортисти, членуваат над триста дечиња и голема штета е што тоа трае само три месеци и нема услови за континуирана работа – раскажува Цветкоски.

Тој вели дека се радува на секој постигнат успех на пливачите со кои индивидуално и интензивно работи. Меѓу многубројните талентирани пливачи ги истакнува постигнувањата на младите охридски пливачи Предраг Мургоски, учесник на Илинденскиот куп и освоено четврто место, како и второ место на 1.500 метри во затворен базен, Василиј Топалоски, кој е најмладиот учесник на Илинденскиот куп и има освоено неколку втори и трети места на првенства во затворен базен. Ја издвојува и Симона Бошковска, која освоила второ место на Илинденскиот куп на два километра – од Парк до Охрид, како и Симеон Јовановски, победник во дуатлон и триатлон.

Сите надежи на тренерите за место каде што ќе се работи со младите пливачи сега се насочени кон СРЦ „Билјанини Извори“, каде што на спортските терени се гради затворен пливачки базен.

– Се надевам дека државата ќе има слух и дека наскоро ќе се заврши изградбата на покриениот пливачки базен, што ќе овозможи голем број деца да се занимаваат со водните спортови, а со тоа пливањето да го вратиме како спорт број еден во Охрид и во Македонија – вели Славчо.

Такви очекувања имаат и неговите колеги – тренери по пливање, но и младите надежни пливачи, за кои  веруваат дека ќе имаат среќа никој да не им го прекине спортскиот сон и да им ги ускрати успесите, како што, за жал, им се случило на многу нивни претходници.

Затворениот базен во Охрид почна да се гради пред 4,5 години. Според последните најави, ќе биде пуштен во употреба во 2021 година.



912

X