Имам огромна чест моето секојдневие да го делам со синовите Александар и Мартин. Едниот има пет години, а другиот една година. И двајцата поседуваат огромно чувство за ритам и мелодија. Интересно е да се набљудуваат нивните реакции кон музиката, чистата детска емоција и љубопитност. И двајцата секојдневно си поигруваат на пијаното, но и со гитара и со тамбура

Истрајност, посветеност и работливост се само дел од придобивките што едно дете може да ги стекне со изучувањето музички инструмент уште од најрана возраст. Веќе на првиот час може да се оцени дали детето е талентирано за музика, по што од вложениот труд и љубовта кон инструментот ќе зависи дали тоа подоцна и професионално ќе се занимава со тоа.

Овој став го дели и професорката по пијано Огненка Герасимовска-Димитровска, која веќе 14 години на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ им ги разоткрива тајните на црно-белите клавиши. Иако е релативно млада, таа има богато изведувачко и професорско резиме зад себе, вешто балансирајќи ги двете работи, а притоа успевајќи да им се посвети на двата сина и на сопругот.
За нејзиното беспрекорно музичко познавање доволно говори и беспрекорниот просек од 10 со кој го завршила Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што подоцна и докторира. Добитник е на голем број признанија и први награди на државните натпревари.

По професија сте музичар (изведувач) или педагог? Како повеќе се доживувате?

– Не би можела да ги разделам овие две професии една од друга. Поголем број од светски познатите изведувачи на класична музика се и педагози. Преку педагогијата при процесот на решавање некој проблем кај одреден ученик и самата учам. Откако почнав да предавам, многу повеќе го анализирам мојот начин на изведба, држењето на телото, поставеноста на раката, допирот на пијаното, начинот на обликување на музиката.

Според Вас, која е идеалната возраст за едно дете да почне да учи музика.

– Во Јапонија, на пример, се смета дека ако детето не почне до неговата трета година, веќе е доцна. Моето лично видување е дека детето треба да започне со изучување на инструмент кога ќе биде доволно зрело да го совлада нотниот систем со цел самото да го чита и свири нотниот текст. Имам лично искуство кога талентирано детенце цела година не можеше да ја поврзе клавијатурата со нотите на петолинието, па бев изненадена што наместо да напредува паралелно со останатите ученици од неговата генерација, тоа стагнираше.

Како беше случајот со Вас? На која возраст почнавте и кој Ве насочи кон музиката?

– Моите родители ме запишаа во основното музичко училиште на петгодишна возраст. Појдовен мотив да ме пријават, како што тие велат, било тоа што многу убаво сум пеела. И тогаш не било практика толку мали деца да бидат примени во училиштето, но за моја среќа го поминав приемниот испит. По првата година, кога требаше да изберам инструмент, професорите ми предложија да изучувам пијано или виолина. Поради темпераментноста, моите родители ме насочија кон пијаното.

Има ли одредени предиспозиции што треба да ги поседуваат децата за да почнат да изучуваат музика, или со доволно труд секое дете може да го совлада материјалот?

– За едно детенце да научи да свири на инструмент, најважно е да поседува огромна желба и трпение. Со доволно труд секој може да научи да свири на пијано и да се занимава со едно убаво креативно хоби. Сепак, за да се стане професионален музичар, покрај огромното вложување, голема улога има и талентот. Вообичаено, дали едно детенце е талентирано, можам да видам уште по првиот час, а според тоа ја креирам и динамиката на предавањата.

Како успевате да го задржите вниманието кај децата?

– Убавината во изучувањето на пијаното или на кој било друг инструмент е што наставата е индивидуална. Со тоа можам целосно да му се посветам на ученикот, на неговите предиспозиции, најнапред физички, а потоа и музички. Свирењето на пијано првенствено треба да биде уживање. Моите почетни часови секогаш се проткаени со многу хумор, разни смешни извици, гримаси, интересни движења со телото. Но на крај, без исклучок, од сите мои ученици барам посветеност и одговорност.

Колку време посветувате на вежбање на инструментот и дали тоа се промени со текот на времето?

– Ако на почетокот е потребно да се вежба секој ден по најмалку петнаесет минути, следната година тоа се триесет минути, па еден час итн. Во годините кога веќе се одлучив професионално да го изучувам пијаното, вежбањето осум часа беше нужна потреба. Со проширувањето на моето семејство стана невозможно да посветам толку време на вежбање. Со поддршка од мојот сопруг Дарко и семејството, успевам да се подготвам за концерт со четири до шест часа вежбање на ден.

Oткако станавте мајка, повеќе се насочивте кон предавањето или желбата за изведување сè уште е иста?

– Во 2021 година ќе биде мојот јубилеј, односно дваесет години солистичка активност. Првиот целовечерен концерт го имав во 2001 година. Претходно, десет години активно учествував на многубројни групни концерти. Мојот развој од мало дете до возрасен човек е неразделно поврзан со огромниот број натпревари и јавни настапи. Улогата на мајка, се разбира, отвора нови неверојатни, прекрасни хоризонти, но желбата за настап никогаш не стивнува во мене.

На која возраст се Вашите деца и дали покажуваат интерес за музика?

– Ја имам огромната чест моето секојдневие да го делам со двата сина. Александар има пет години, а Мартин една година. И двајцата поседуваат огромно чувство за ритам и мелодија. Интересно е да се набљудуваат нивните реакции на музиката, чистата детска емоција и љубопитност. И двајцата секојдневно си поигруваат на пијаното, но и со гитара и со тамбура.

Која е главната придобивка што едно дете би ја имало доколку од најрана возраст изучува музика?

– При изучување на пијаното децата се стекнуваат со убави навики како истрајност, посветеност, работливост. Спецификата на самиот инструмент придонесува за поголема координација на телото, независна работа на рацете и нозете, поттикнувајќи зголемена концентрација. Изучувањето на нотниот текст и на композициите кои се изведуваат напамет ја зголемува моќта за брзо и долготрајно помнење кај децата. Процесот на музицирање ја зголемува креативноста кај децата и моќта за иноватното размислување.

Сметате дека може да се развие слух за музика ако не се почне од рана возраст?

– Со изучувањето музички инструмент уште од најрана возраст се поттикнува музикалноста, начинот на музичко размислување и анализа на музиката. Апсолутен слух е вродена дарба која научно е докажано дека ја поседува еден од десет илјади и не е поврзана со контакт на детето со музика во кој било период од неговиот развој.

На каква музика ги изложувате Вашите деца и колку често им пуштате музика?

– Во нашиот дом цел ден има музика. Имам колекција со класична музика, а во недостиг на радио со класична музика во државава, нашиот прв избор е Џез ФМ. Децата пробуваат да отпеат некоја џез-мелодија или да модифицираат детска песничка во тој жанр. Заедно седнуваме на пијаното и им ги движам рачињата по клавишите, но се обидувам да не им ја наметнам идејата за свирење на овој инструмент, со надеж дека самите ќе пројават желба за поинтензивно учење на пијаното.



912

X