Повеќе од 320 милиони години еволуција на цицачите како вид довеле до приспособување на мајчиното млеко за задоволување на сите физиолошки потреби на бебињата: содржи не само хранливи материи, туку и хормони, антимикробни средства, дигестивни ензими и фактори за раст. Понатаму, многу од протеините во мајчиното млеко, на пример, казеинот и масните глобули од мембранскиот материјал, не се само извори на енергија и молекуларни градежни блокови, туку и директно го стимулираат имунитетот, барем во претклинички услови.
Исто така, цревниот микробиом, составен од бактерии, археи и габи, игра витална улога во регулацијата на имунолошкиот систем. Ова ја зголемува можноста функцијата за зајакнување на имунитетот од страна на протеините од мајчиното млеко да биде двострана: не само со директно стимулирање на имунолошкиот систем, туку и индиректно, со регулирање на изобилството на цревни микроби кои пак влијаат врз имунитетот.
Сега, студијата на кинеските истражувачи во „Frontiers in Microbiology“ ги наоѓа првите докази за втората функција за регулирање на имунитетот од протеините од мајчиното млеко. Авторите покажале дека варијацијата во протеинскиот состав на мајчиното млеко го објаснува големиот дел на варијациите кои се присутни во изобилството од клучни корисни микроби во цревата на бебињата, што пак укажува на регулаторната улога на овие протеини врз имунолошката функција на цревниот микробиом кај луѓето.
„Овде покажуваме дека концентрацијата на одредени протеини во човечкото мајчино млеко го предвидува изобилството на специфични цревни микроорганизми кај доенчињата, за кои се знае дека се важни и неопходни за здравјето“, вели еден од авторите на студијата, д-р Игнатиус Ман-Јау Сето од Институтот за исхрана на доенчиња во Пекинг. „Овие наоди сугерираат дека мајчините протеини играат улога во раниот имунолошки и метаболички развој на имунитетот кај бебињата“.
Сето и неговите колеги ја проучувале поврзаноста помеѓу протеинскиот состав на 23 мајки од Кина – мерена со течна хроматографија, како и разновидноста и изобилството на корисните цревни микроби во столицата на нивните доенчиња, утврдени преку секвенционирање на rRNA и квантитативен PCR тест.
Фокусирање на девет протеини
„Се фокусиравме на девет млечни протеини, вклучувајќи остеопонтин, лакталбумин и κ-казеин, бидејќи неодамна беше откриено дека тие имаат корист за раниот развој на доенчињата. Нивната функција и механизми сè уште не се целосно откриени, па сакавме да го испитаме нивниот потенцијал во улогата на регулирањето на микробиомот кај доенчињата“, вели уште еден од авторите на студијата, д-р Аи Жао од Универзитетот „Цингхуа“.
Концентрацијата на протеини во мајчиното млеко изнесувала 1,6% на 42 дена по породувањето и 1,2% на три месеци по породувањето. Најзастапени протеини биле казеинот, α-лакталбуминот и лактоферинот. Освен имуноглобулинот А (антитело важно за имунолошката функција на мукозните мембрани), концентрацијата на сите проучувани протеини се намалила од 42 дена на три месеци по породувањето. Цревниот микробиом на бебињата главно се состои од бактериски родови Bifidobacterium, Escherichia, Streptococcus и Enterobacter.

Поврзаност со пробиотиците
Истражувачите откриле најсилни врски помеѓу концентрациите на протеините од мајчиното млеко и две корисни бактерии кои биле релативно ретки во цревниот микробиом на бебињата: Clostridium butyricum и Parabacteroides distasonis, кои се користат како пробиотици за луѓето и домашните животни.
„Резултатите од оваа студија сугерираат дека специфичните протеини во мајчиното млеко можат да влијаат врз изобилството на одредени цревни микроби кај доенчињата, играјќи важна улога во раниот имунолошки и метаболички развој“, заклучиле авторите.
Авторите предупредиле дека се неопходни и дополнителни студии.
„Нашите наоди се засноваат на корелации, кои не се доволни за да се воспостави директен причинско-последичен ефект. За да се докаже ова ова, потребни се идни студии и клинички испитувања, каде што мајчиното млеко или формулата ќе бидат збогатени со функционални протеини“, заклучил Сето.