Улогата на родителите бара многу посветеност и внимание – не залудно се нарекува една од најисцрпувачките животни улоги. Со тоа, да се биде родител не е едноставно во денешно време.
Најголемиот проблем на денешницата претставува сиромашната комуникација, без разлика дали станува збор за комуникација помеѓу партнерите, пријателите или родителите и децата. Квалитетната комуникација помеѓу родителите и децата се гради во текот на целиот живот, додека темелите на односот се постигнуваат во раното детство.
Каква ќе ви биде комуникацијата, таков ќе биде и вашиот однос. Самите не можеме да ги избираме родителите, тие веќе ни се дадени, но меѓусебното почитување, разбирање, доверба и на крај, каков ќе биде човек, паѓа голем дел на самиот родител. Затоа родителската улога е најисцрпувачката животна улога.
Во период во кој детето е најчувствително, потребно му е еден одреден мир. Бакнежот на таткото и мајката, прегратката и топлиот збор значат многу. Меѓутоа не сите деца добиваат добри зборови – често, тие добиваат груби зборови, а наместо прегратка и бакнеж, добиваат ќотек.
Родителите од таков профил, во принцип градат неквалитетен однос со своето дете. Започнуваат да навредуваат, не почитуваат, немаат толеранција. Преовладува моќноста, но над послабите, а не се свесни колку детето навистина пати и колку тоа може да се одрази врз нив и нивниот живот.
Фасцинантно е тоа што после некој извесен период се прашуваат: „Зошто детето ме отфрла? Зошто детето не ме сака?“ Тогаш најчесто вината се префрлува на друг. Никогаш не се прашуваат дали можеби е работата во нив, како родител. Ова прашање е последно што си го поставуваат самите себеси, бидејќи се уверени дека нивното однесување и постапки го постигнуваат само позитивното. Затоа драги родители, запомнете дека мозокот на детето добро помни.
Секојдневно запрашајте се дали сте доволно добар родител за своето дете, дали сте му ја овозможиле потребната љубов, топлина, внимание, тој ден? Љубовта не е пари, не е она материјално. Многу деца во денешно време се препуштени самите на себе, токму поради недостаток на времето поминато со родителите.
Светот околу нас се врти околу материјалното. Пријателството, врските и на крај децата ги ценат работите според парите: „Ако имам повеќе, повеќе ќе ме почитуваат“. Всушност, не ја ценат вистинската вредност на човекот.
Дајте му ја на детето потребната љубов, прегратка, убав збор, разбирање, но и поставете граници до кои смеат да одат, за да нема проблеми подоцна. И запомнете, вие сте пример за вашето дете.