Воспитување

Однесувањето на родителите влијае врз детето до крајот на животот

Според истражувањето објавено во списанието „Сајентифик рипортс“, децата чии родители се премногу заштитнички настроени живеат пократко. Истражувачите од Федералниот универзитет во Сао Карлос и Универзитетскиот колеџ во Лондон анализираа податоци од речиси 1.000 поединци: 496 мажи и 445 жени, родени во 50-тите и 60-тите и кои починале помеѓу 2007 и 2018 година.

Научниците ги анализирале одговорите на учесниците на прашања за структурата на семејството, домувањето, болестите и односите со родителите во детството и адолесценцијата. Излезе дека луѓето чии татковци биле премногу заштитнички настроени и им давале мала автономија на своите деца имале зголемен ризик да умрат пред 80-тата година од животот. Ризикот бил 12 отсто кај мажите и 22 отсто кај жените.

Сепак, жените чии мајки добро се грижеле за нив во детството имале 14 отсто намален ризик од рана смрт. Ова може да биде поврзано со пониски нивоа на стрес во нивните помлади години, кои потоа се пренесуваат во зрелоста, забележаа истражувачите.

Исто така, мажите што живееле само со еден родител во детството имале 179 отсто поголем ризик да не го доживеат својот 80-ти роденден. Ова е прво истражување за тоа како отсуството на родителите или лошите односи може негативно да влијаат врз долговечноста.

– Најдобро е златна средина. Не треба да бидеме наметливи и да ја спречуваме автономијата на децата, но исто така не е добро да ги запоставуваме децата или да бидеме емотивно оддалечен родител – вели коавторот на студијата Алин Фернанда де Соуза Канелада, која се залага за рамнотежа кога станува збор за воспитувањето.

Истражувањата покажуваат дека стравот на детето од родителите може да доведе до разни здравствени проблеми. Тие вклучуваат зголемени ризици од злоупотреба на алкохол и дрога и тешкотии со менталното здравје, кои се тесно поврзани со намалената долговечност, додава Канелада.

Коавторот на студијата, Тиаго Силва Александре, објасни дека истражувањето ја нагласува важноста на грижливите и љубовните односи со родителите во детството. Јавната политика треба да го поддржи ова.

– Нашите наоди покажуваат како односите со родителите, односно грижата и љубовта, влијаат врз долговечноста. Со други зборови, однесувањето на родителите навистина има последици за една личност до крајот на животот. Јавната политика треба да поддржува подобри услови за децата за луѓето да можат да уживаат во староста – вели тој.

Извор

Поврзани написи

To top