Во минатото училницата беше место за учење, за почитување, за другарување, за споделување радост и тага, беше втор дом за учениците. Денес, малку поинаку се доживува престојот во училницата. Родителот не смее да дозволи, во никој случај, неговото дете на училиште да прави што сака, смета професорот по македонски Александар Адамовски
Александар Адамовски е наставник по македонски јазик кој веќе 13 години е во оваа професија. Најголем дел од годините ги поминал во битолските училишта на замена (по различни основи на отсуства на негови колеги), а исто така, лично, со голема љубов и силна волја кон професијата, одржувал и волонтерски часови. За тоа какви се денешните генерации, за родителите и колку тие соработуваат, но и за знаењата на учениците по македонски јазик, зборуваме со Адамовски во ова интервју.
Вие сте долги години во образованието. Какви се денешните ученици во споредба со оние од минатото?
– Во образование сум речиси 13 години, како по основни така и по средни училишта во Битола. Најголем дел од годините ги имам поминато на замена (по разни основи на отсуства на моите колеги), а исто така, лично, со голема љубов и силна волја кон професијата сум одржувал и волонтерски часови. Воедно, правев дебати во основните училишта со полуматурантите на тема: „Мојот иден, средношколски избор“, и тие навистина беа интересни разговори и колку сум можел, сум помогнал во изборот на нивното идно средно училиште. И тој влог многу ми значи. Искуството, стекнато низ годините, ми помогна да се изградам и да ја работам мојата професија: одговорно, посветено, достоинствено, ме научи како треба да застанам пред моите ученици и да им пренесувам знаења, вештини, умеења, како треба да се размислува со своја глава и да се биде паметен, чесен, одговорен во животот. Се надевам дека дел од тие лекции ги совладале и сум ги научил да одат по правиот пат, и никогаш да не се откажуваат од својата цел. Инаку, денешните ученици, во споредба со оние од минатото, се многу, многу поразлични. Зошто? Затоа што самиот развој на технологијата си го направи своето, го забрза животот да оди многу понапред, односно денешните ученици го имаат светот на дланка. Секако, нивната врвна интелигенција овозможува преку паметните уреди и телефони многу побрзо да осознаваат и да бидат во тек со случувањата во опкружувањето и пошироко. Додека, пак, учениците во минатото немаа такви привилегии, но затоа барем знаеја да почитуваат, да бидат примерни во однесувањето, односно имаа култура и нормално, читаа книги (е тоа е огромен недостиг кај денешните ученици).
Каде е воспитната функција што треба да ја има во домот на денешниот ученик?
– Мислам дека воспитната функција од домот треба да биде на многу повисоко рамниште, да има ред во некои работи, а не самоволие (што сакам ќе правам). Детето се воспитува од дневната соба во домот, а надвор треба да биде пример. Наставниците имаат многу трпелива и истрајна мисија со денешните ученици, што е навистина тешко кога се работи со ученици во пубертетски период. Најважни се пристапот и односот на наставникот кон тој млад свет пред кој стои. Ако тоа се постигне, лесно се доаѓа до заеднички јазик помеѓу ученикот и наставникот.
Ако се вратите наназад, каква беше некогаш дисциплината во училницата, а каква е сега?
– Многупати ми се случува да ги правам овие споредби. Дисциплината, тоа е интересно прашање, особено кога се работи за училницата. Знаете, оној ученик што еднаш научил како треба да се однесува во училница, во училиште и секаде, тој секогаш го покажува тоа, на примерен и совесен начин. И тука не е потребна никаква интервенција. Точно дека постојат хиперактивни ученици, понервозни, побунтовни, на кои мислам дека може да им се помогне и позитивно да им се влијае, само со паметен разговор и искрени насоки за тоа како да ја подобрат дисциплината. Слободата на однесување и изразување кај денешните ученици е таа што треба да се контролира. Некаде успешно се дејствува и дава резултати, а некаде треба време за да се доведат работите во ред. Генерациите некогаш беа пример и задоволство за работа (тука најмногу мислам на заинтересираноста за учење, одлична комуникација, дебата и сл.).
Во минатото училницата беше место за учење, за почитување, за другарување, за споделување радост и тага, односно беше втор дом за учениците. Денес, малку поинаку се доживува престојот во училницата. Лично, никогаш не сум имал проблем со дисциплината во училницата. Тоа што го барам и очекувам од учениците, го добивам. Умерена строгост е потребна, а таа е клуч за работната атмосфера во училницата.
Дали денешните родители соработуваат кога има одредени појави и проблеми?
– Соработката со родителите повеќе се одвива телефонски и електронски отколку во живо. Сметам дека секој родител треба да води повеќе сметка за своето дете и да доаѓа на училиште, да се консултира за неговото однесување, како и за неговите активности и постигнувања… Проблемите се решаваат низ разумен дијалог и паметен пристап, односно со заеднички јазик меѓу родителот, наставникот, ученикот. Тој е првиот чекор, понатаму имаме педагошко-психолошка служба, која пристапува на одредениот проблем и наоѓа начини да го реши. Главно, можам да кажам дека соработката со родителите е добра.
Дали сметате дека тие се заштитнички настроени кон нивните деца?
– Да. Во многу ситуации родителите стојат на страната на нивните деца, што е нормално, нивни се. Но, мислам дека тука треба да постои построга граница кога му се дава заштита и слобода на своето дете. Родителот не смее да дозволи, во никој случај, неговото дете на училиште да прави што сака. Тоа е многу погрешно. И не само на училиште, туку на кое било друго место. Напротив, родителите треба да им стават до знаење на учениците дека половина ден ги пуштаат на школо со цел нешто да научат, да станат културни, одговорни и воспитани личности, кои еден ден ќе имаат со што да се пофалат. А тоа многу ќе им значи и ќе им се најде во животот. Кога детето е во право, пофали го, но кога греши, искарај го, не со рака, ами со смирен збор. Верувам дека таа е најдобрата поука!
Воспитанието потекнува од домот, па каква е вашата порака за родителите, со цел да создаваме здрави, умни и успешни генерации?
– Ми се има случено родители да ми кажат: „Не можам да го препознам моето дете.“ Да, точно така, со оглед на возраста на детето и слободата што му е овозможена (скапи телефони, 24-часовно дремење по социјалните мрежи, неконтролиран речник на изразување и др.) тие се негативните појави, кои скапо чинат и не носат ништо ново. Ако родителот не може да се справи со своето дете, што да очекува наставникот, колку и да се труди да го разбере? Моја искрена порака за родителите е да размислат до каде одат сите привилегии што им ги овозможуваат на своите деца, а паралелно со тоа и слободата што им ја овозможуваат, а тие неограничено ја користат. Нели, од некаде треба да се тргне, а тоа е домот. За да создаваме здрави, умни и успешни генерации, мора воспитно да се дејствува, најпрвин низ разговор, а потоа со континуирано следење на однесувањето кое треба да покаже какви ќе бидат последиците. Родители, вие сте први на потег, а потоа вториот родител на детето – наставникот. Доброто воспитание го даваат паметни родители. А однесувањето, всушност, е огледало на куќниот праг.
Вие сте професор по македонски јазик. Каков е интересот кај децата за изучување на мајчиниот јазик, со оглед на тоа дека во денешно време учениците знаат повеќе англиски отколку македонски?
– Да, покрај македонски јазик, предавам и француски јазик, а оваа година држам и изборен предмет: Театарски работилници. Од слободните ученички активности водам: литературна и драмска секција. Така што, исполнетоста за работа е максимална. Имам чувство дека учениците многу подобро го знаат и зборуваат англискиот отколку македонскиот, кој всушност им е мајчин јазик. Според податоците што ги следам, колку студенти се запишуваат, студираат и изучуваат македонски јазик и книжевност, бројката во последните години е поразителна. Што значи тоа? Интересот за изучување на својот јазик опаѓа, иако не е во тренд на исчезнување. Треба да се сака, брани и почитува традицијата на својот јазик. Но, мотивираноста за изучувањето на македонскиот јазик е слаба бидејќи студентите, идни колеги – македонисти, треба со години да чекаат за да се вработат и да работат на својата струка (освен, во среќни случајности, се разбира). Истовремено, лекторите во нашата земја се бројат на прсти, ги нема. А познато е колку се потребни. Имаме богата македонска, книжевна ризница во училиштата која треба да се возобнови, да се учи и знае во многу поширок размер за нашите македонски писатели и нивните дела, особено да се прошират знаењата за историјата на македонскиот јазик. Нашиот јазик е преплавен со интернационализми, особено англицизми, кои наместо да се реткост, стануваат секојдневна бројност. Воедно, наставниот кадар мора да покажува интерес и љубов кон својот јазик и со задоволство да им го пренесува на своите ученици. И уште многу други работи кои укажуваат дали доволно го негуваме македонскиот јазик. Некако стана тренд англискиот јазик, кој е светски реномиран јазик, да го надвладее секој друг јазик, па и македонскиот. Нашите најпознати македонисти-лингвисти, писатели, убаво имаат напишано: „Јазикот е наша единствена татковина“ (Блаже Конески); „Судбината на јазикот е и судбина на народот“ (Гане Тодоровски); „Без јазик, си никој и ништо“ (Видое Подгорец). Останува на сите нас да го браниме и чуваме она што е наше, што ни припаѓа со векови наназад, да покажуваме почит кон мајчиниот јазик, па потоа кон сите други јазици!
912