Дали преферирате да земете едно колаче веднаш или две по половина час? Луѓето што можат да го одложат моменталното задоволство во име на некоја временски подалечна, но повредна цел, докажано се поуспешни во животот…
Стeндфорски експеримент со маршмелоу
Дали ќе успее некој план, идеја или проект, зависи од многу фактори, од кои некои можат да се контролираат, а некои не. Она што се чини дека секогаш можеме да го контролираме е сопственото однесување. Меѓутоа, не е сè толку едноставно. Без оглед дали се работи за покренување нов бизнис, пишување книга или изградба на куќа, умот, односно начинот на размислување може да биде голема потпора на тој пат или сериозен камен на сопнување.
Пред четириесетина години американскиот психолог Волтер Мишел спровел многу интересно истражување кое и ден-денес се наведува како едно од најважните истражувања на подрачјето на психологија на успехот. Во неговото истражување, познато како Стeнфодскиот експеримент со маршмелоу, на децата им се нудел помалку фрустрирачки избор – можеле да добијат едно колаче маршмелоу веднаш или две ако почекаат петнаесетина минути.
Идно и моментално задоволство
Додека чекале биле сами и колачето било пред нив, што за четири и петгодишни деца е навистина вистински предизвик. Во студиите што Мишел ги спроведувал врз истите деца со години подоцна откриле дека децата што биле во состојба да чекаат и со тоа да заслужат поголема награда подоцна биле поуспешни на разни полиња во споредба со децата што не можеле да чекаат. На овој начин Мишел покажал дека способноста за одложување на моменталното задоволство во име на некоја временски оддалечена, но повредна цел е еден од значајните показатели на идниот успех.
Кога пред себе имаме некаков план и цел чие остварување зависи само од нашата волја и нашата способност за структурирање на работата (а не од надворешна структура како школски систем или работа што ни е зададена и дефинирана однадвор), секојдневно се соочуваме со истата дилема – да работиме за идно задоволство од успехот или да потклекнеме пред предизвикот на моменталното задоволство. За некој тоа моментално задоволство може да биде излегување на кафе со пријателка, гледање омилена серија или сурфање по интернет.
Мала доза на фрустрација
Иако на секојдневно ниво таа одлука – на пример, да се работи на целта или да се излезе на кафе – може да изгледа безначајно, вистината е дека таа е многу значајна. По едно потклекнување пред моменталното задоволство, второто потклекнување е многу полесно. Што повеќе пати потклекнуваме, тој пат е трасиран, а колку повеќе ќе се користи, толку и можноста за неуспех расте.
Затоа, ако имате деца, учете ги да го одложуваат моменталното задоволство заради некоја повисока цел.
Така децата ќе научат да поднесуваат мала доза на фрустрација за подоцна да можат, заслужено, да уживаат повеќе. Таа навика ќе се пренесе и во повозрасна доба и со тоа ќе ги направите поспособни, посамостојни и посамоуверени.
За да можете да остварите нешто, најпрво ви треба визија. Визијата е слика во умот која е енергизирана со емоции, па ве привлекува да одите кон нејзино остварување. Меѓутоа, визијата е само семка. За да ја остварите, ви треба добар, реалистичен план и – повторно – самодисциплина да го следите тој план и да го спроведувате секој ден. Некои луѓе немаат проблем со одложувањето на задоволството, но затоа имаат проблем кога се одвојуваат од широката слика.