Јас сум мајка што ги носи своите деца. Секаде. Всушност и каде што треба и каде што не треба. И така, што би се рекло, врзани сме со папочната врвца. Секојпат кога ќе излезам од дома без нив, прашањето: „Здраво, како си?“ се менува во: „Каде ти се децата?!“

(Не можев ни да замислам дека луѓето толку ќе бидат разочарани кога ќе ме видат без деца).

Школски поминувавме низ фазите. Кога секој можеше да ги земе в раце и да си поигра со нив. Кога и на најмалиот шум плачеа зашто излегов од собата и отидов којзнае каде. Кога заплакуваа штом ќе отидев во кујната, бањата, на тераса – бидејќи не ме гледаа покрај себе. Кога се срамеа, се плашеа, се криеја од луѓето што не ги познаваа.

Се случи првпат кога Калина наполни осум месеци. Таа си играше на подот, а јас отидов во кујната. Силно вресна кога сфати дека не сум покрај неа. Паничен страв ја фаќаше секогаш кога тргнував кон вратата. Затоа, секаде се движевме заедно.

– Што се случува?

– Тоа е школски пример за страв од одвојување. Целосно ме идентификуваше како мајка и сега ѝ е страв дека ќе ја напуштам. Тоа е само фаза. Почнува околу осмиот месец од животот на бебето и трае…

– До петнаесеттата година? – ме задеваше мажот ми.

Луѓето мислат дека во таа фаза најтешко им е на мајките кои сами не можат да одат ни до тоалет, но верувајте ми, јас бев таа мајка и знам дека не им е лесно ни на татковците. Сака да си поигра со детето, да го прошета или едноставно да биде со него, а тоа гребе и со рацете и со нозете за да стигне до мајката. Истото важи за бабите и дедовците. Знае да фрустрира.

Тогаш мајката, кога ќе се појави, не знае кого попрво да го утеши: бебето или таткото, бабата или дедото, кој и да е на патот на бебето до мајката.

Како и сите тежини во животот, додека ви се на градите, ви се чини дека бесконечно ќе бидат таму. Јас умеев меѓу два здива да се сетам дека нема да трае вечно. Па дури и во оние моменти кога најрадо би седела зад заклучена врата или едноставно би си ја миела косата без следните упатства: ова е шампон, да, сега мама ќе направи сапуница, аха, да, сега миеме, што е ова, балсам за коса, да биде мека, полесно да ја чешламе, како свила, да, како свила, но твојата е поубава!

Во таквите моменти се чини дека никогаш нема да се одлепат. Дека ќе испијам кафе без 35 пати во минута некој да каже „мама“ кога ќе остарам.

И тогаш се случи ова.

Оди таму, мамо

Додека немав деца, бев полна со мудрости: На пример, децата мора да одат во градинка, децата треба да се одделат од тебе, децата ова, децата она. Не им солев памет на другите, само себеси се предупредував однапред. Суво знаење и празни уверувања без искуство и практика!

Ми се лошеше во стомакот од помислата да ги оставам децата во градинка, во друга соба или некаде каде што не сум јас, деца кои не сакаат да седат без мене ни секунда. И тогаш, еден сончев ден, додека редеа коцки на подот во нејзината соба, Калина ја подигна главата, погледна во Лазар, па во мене и рече:

– Мамо, оди таму. Немој да стоиш тука.

Прво помислив дека лошо слушнав, дека не сфатив. Не можев да поверувам дека сами дојдовме дотука: да знаат што сакаат, тоа да биде моето неприсуство и тоа да го кажат гласно. Сами. Без получасовно убедување дека мама треба да оди и дека тие двајца треба сами да играат. Само кратко и јасно.

Оди слободно. Јас ќе те викнам подоцна.

Можам да го потпишам ова. Мајките се будалетинки 100 отсто! Додека децата им се залепени, плачат, кога децата ќе се разбегаат – повторно плачат. Кога си мајка, лесно се врзуваш во јазол. Мислиш дека никогаш нема да се одврзеш.

Одеднаш, сите момински и студентски, брачни, деловни проблеми не заслужуваат да се наречат проблеми. Сè што сакаш е детето да е здраво. Да е среќно. Што подолго да им траеш. Да имаш трпение. Да не си толку збунета.

Понекогаш, кога сами ќе се кикотат в соба, сакаш да влезеш и да бидеш дел од таа смеа. Но знаеш дека таму не ти е местото. Дека си направила добра работа, бидејќи си била тука кога двајцата се држеле за твојот фустан додека си ја миела косата наведната над кадата. Дека си била тука. Дека и сега си тука, само што во ходникот ја прислушуваш нивната смеа. Додека не те фати сопругот.

– Што правиш тука? Доаѓај овде да пиеме кафе! Сакаш повторно да им се врати оној страв од одвојување?

Автор: Србијанка Станковиќ



912

X