Воспитување

Одговори на прашањето „А кога второ дете?“

Околината сака да ги знае сите ваши намери, а интимните им се особено драги. Сакаат да знаат каде одите и што планирате, дали готвите само органска храна, дали доите, дали вашето малечко ги има сите петки на училиште… И сето тоа – само за да имаат теми за разговор во нивните здодевни животи. Затоа што ако толку се заинтересирани за туѓите животи, па си го пикаат носот во интимни работи како раѓање дете, очигледно им е премногу здодевно во сопствениот живот.

Можеби сум малку безобразна. Сум, нема можеби. Главно, јас сум премногу безобразна кон овие луѓе што не ме ни познаваат, а имаат право да ѕиркаат во мојот приватен живот. Ме боли ова прашање и од онаа другата страна, која нема врска со бонтон. Имено, отсекогаш сакав да имам повеќе деца.

Но, не ми одеше. Едвај го добивме нашето чудесно девојче. Оние што поминале низ слично искуство знаат дека за тоа треба повеќе обиди – нашата ќерка дојде од осмиот обид при вештачко оплодување и по десет години откако беше планирана. Ја родив на 40 години. Да прашаш некој кој наскоро ќе наполни 44 години кога повторно ќе се породи е навистина глупаво. Извинете, но тоа е така. Затоа што треба да знаете дека шансите да зачнете бебе на таа возраст се како да сте добиле на лото. Некои од вас ќе речат: „Но, тие не знаат дека сте поминале низ толку многу процедури или дека имате 44 години“. Тоа не е оправдување.

И да имам 24 или 34 години, сепак тоа е прашање во домен што не ве засега. Кога ќе дојде второто дете? Тоа е исто како да се прашува колку редовно имате секс или дали во моментот имате менструација. Тоа е приватна и многу интимна работа. Единствено што може да се постигне со тоа прашање за уште едно можно дете е жената да одговори на нешто што не ѝ е пријатно, и на тој начин некако да им се правда на оние што не ги познава.

Време е некој да возврати како што треба, следниот пат кога ќе го добие тоа прашање. Ако вие сте личноста што ја мачи ова прашање, имам одлични одговори за да ја затворите устата на оној што прашува.

Овие беа избрани од жени на интернет-форумите како најдобри одговори на прашањето: Кога ќе дојде второто дете?

-Не планираме, и првото ни излезе добро.

-Никогаш не го планиравме ова првово, зошто да раѓам пак?

-Ако треба да учиме од нашите грешки, зошто би имале уште едно дете?

-Децата не се како бисквити, можете да бидете задоволни и со едно.

Одговорите се вулгарни, се осмелувам да кажам и шокантни, но загарантирано ќе предизвикаат на личноста што ве прашала да ѝ стане исто толку непријатно како што ви е вам. Никогаш не сум ги искажала овие зборови затоа што и покрај мојот гнев, кога ќе го слушнам прашањето, толку ми е непријатно, па најчесто кажувам дека тоа е интимно прашање или дека немаме намера да имаме друго дете. Ако другиот почне да ме убедува дека треба да работиме на зачнување второ дете, тогаш знам да бидам поостра. Се сеќавам дека ѝ реков на една госпоѓа: „А вие кога ќе престанете да си го пикате носот таму каде што не ви е местото? Раѓајте уште едно вие, ако ви недостасуваат деца“. Таа почна да се извинува, а јас само се свртив и си заминав. Некогаш едноставно не можам да ги слушам изговорите на луѓето кои не размислуваат однапред… Затоа што сум изморена да ги слушам.

Слушнете сега, еднаш засекогаш – НЕ ПРАШУВАЈТЕ ГИ ЖЕНИТЕ КОГА ЌЕ РОДАТ ВТОРО ДЕТЕ.

Автор: Барбара Сладе Јагодиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top