Добивме одговори најмногу од родители чии деца се на возраст кога се примаат вакцини

Детето или децата да им примаат вакцини одлучиле 85,2 проценти од анкетираните 1.054 читатели. Не дозволуваат вакцинирање 14,8 проценти од оние што одговориле на анонимната анкета на Деца.мк. Добивме одговори најмногу од родители чии деца се на возраст кога се примаат вакцини.
Речиси половина (49,8 проценти) од оние што одговориле на анкетата имаат едно дете, а 41,3 процент имаат две деца. Осум проценти од анкетираните имаат по три деца, четири проценти – четири деца, а другите повеќе од четири.

Инфографикон: Ања Несторова

На најголем дел од оние што одговориле дека ги вакцинираат децата, 87,4 проценти, не им требало долго време да одлучат „за“. Останатите 12,6 проценти подолго размислувале најчесто поради страв.
– Прво ги чекавме новите петовалентни вакцини, а по втората вакцина имаше реакција и направивме пауза од 8-9 месеци, па продолживме со вакцините – пишува во одговор на прашањето.

Читател одговорил дека размислувал поради појавата на голем број деца со пречки во развојот.
– Немам дилема кога се работи за здравјето на моето дете, при достапен начин на заштита од веќе искоренети болести и нивни опасни компликации. Сметам дека невакцинирањето е опасно играње со здравјето и животот на детето и себичен чин кон останатиот колектив, а сето тоа резултат на некоеси сопствено убедување, неосновано и непоткрепено и тоа од лица што мислат дека знаат медицина со тоа што знаат да набројат состав на конзервансите во вакцината. Не би одела подалеку, само би прашала дали истите тие во случај на повреда на детето за која е потребна антитетанусна профилакса со уредна вакцинација, би ја одбиле и би се надевале дека нема да развие тетанус. Или не дошле до таа лекција од нивната елоквентна медицинска едукација од некојси форум и линкови најдени којзнае каде – стои во коментар.

– Имав разговарано со педијатри и имунолози уште пред да се роди детето за сите предности и маани на вакцините, а и доста читав – пишува друг анкетиран.
– Нема причина зошто да не ги вакцинирам моите деца. Здрави се сосема и сметам дека ако детето нема некакви здравствени проблеми пред да ја прими вакцината, таа само може да го заштити, а не да му ја влоши состојбата. Не знам, можеби и грешам. Господ нека ми ги чува! – се вели во коментар.
– Затоа што не се сигурни вакцините во нашата држава. Случајно кажав дека детето е алергично на јајце и не го вакциниравме со МРП. Инаку, ќе направевме катастрофа – стои во друг.
Најголем дел од родителите што ги вакцинираат децата за имунизацијата се информираат кај лекари и медицински персонал.

Вакцинација во странство

Мал дел од поддржувачите на вакцинацијата ги носат децата за имунизација главно во Грција или во Србија. Некои сметаат дека таму се, како што пишуваат, подобри вакцините, а други дека се поквалитетни.
– Бидејќи немаат вакцини со сомнително потекло и можам да одберам производител сама – стои во коментар.
– Таму се контролира секоја набавка – се вели во друг.
– Сметам дека ако се плаќа вакцината, треба и да е квалитетна. Овде се задолжителни бесплатни и неквалитетни.

Бараат гаранција дека вакцините се во ред

Најголем дел од анкетираните што не ги вакцинираат своите деца, за вакцините, како што одговориле, се информирале на интернет, како и на социјални мрежи. Дел одговориле дека информации добивале од лекари, од пријатели кои се родители, од литература за која велат дека е стручна, од родители чии деца, како што пишуваат, имале последици од вакцини…
– Се информирам од пријатели доктори, доктори од целиот свет преку интернет-комуникација, онлајн-колумни (од проверени веб-страници), паталци чии деца се трајно оштетени по примање вакцина – стои во еден од коментарите.

Анкетирани по општини

Во друг коментар, анкетиран ги обвинува вакцините дека поради нив станале зависни од лекар.
– Од многу страни се информираме. Прво од лично искуство. Двајцата сме редовно вакцинирани, а бевме скапани, болни и неспособни за живот без лекари. Сè додека не се опаметивме. Се распрашував и кај медицински лица кои не смееја отворено да ми кажат, ама ми потврдија дека своите деца и внуци ни случајно не ги вакцинираат. Но многу информации собрав од искуство на други луѓе кои имаа страшни последици од вакцините. А бидејќи јас најдов начин како да се лекуваме од секакви вируси и бактерии без да примиме вакцина, многу лесно ми беше да одлучам – пишува.
Од оние што не дозволуваат вакцинација, 71,1 отсто не би ја промениле својата одлука. Останатите би размислиле уште еднаш доколку, како што пишуваат, „има сериозен пристап во вакциналните центри, кога сестрите нема да се главни за сè“, „ако добијат докази за квалитет и ризик-фактори“, „гаранција дека вакцините се во ред“…
– Кога доктор ќе потпише дека на моето дете вакцината нема да му наштети – се вели во еден коментар.
– Писмена изјава од доктор дека детето нема да има последица од вакцината. Исто така, опција сама да ги купам вакцините и точно да знам што содржат и каде се произведуваат, како и промена на календарот за „имунизација“, а не да се ставаат одеднаш коктели од типот на ДТП и МРП – стои во друг.
– Доколку бидам тотално сигурна за составот на вакцините (што е невозможно), кога би биле минимизирани несаканите ефекти и доколку би се давале една по една вакцина, а не шестовалентни и стовалентни. Дури мислам дека и би го вакцинирала доколку се даваат една по една – пишува анкетирана.

Право на избор

Транспарентна комуникација на сите што се „за“ и „против“ вакцините, вели анкетиран.
– Стручен кадар кој во Македонија ќе може на издржан, научен и статистички начин да ги прикаже/дебатира стравовите ЗА вакцинација (без МОРА да се вакцинира став), како и транспарентност во тоа од каде се набавуваат вакцините, што содржат, со спецификација достапна за преглед и анализа пред давање на вакцината. Дополнително, потребен е сеопфатен пристап кон секое поединечно детенце преку кој (со тестови и имонолошки проверки) ќе се потврди дека детенцето е подобно за вакцинација, односно избегнување ситуации „сите се вакцинираат, ќе вакцинираме, па ќе видиме“ – објаснува.


Седумнаесет проценти од оние што не ги вакцинираат децата имаат проблем со нивно запишување во воспитно-образовни установи.
На прашањето: „Што мислите, што треба да се промени кога станува збор за вакцинацијата во земјава?“, најголем дел од антиваксерите велат дека треба да е право на избор. Голем дел од нив се сомневаат во квалитетот на вакцините.
– Прво треба да се промени целото здравство, па сè друго. Со тоа што најавуваат нови вакцини прават уште поголем сомнеж кај нас, мајките, дека нешто не е во ред со вакцините – стои во коментар.

Деца.мк во повеќе наврати ќе обработува одговори за повеќе аспекти од обемната анкета за вакцинирањето



912

X