Здравје

Одење на прсти – што е нормално, а што е предупредувачки знак?

Одењето на прсти кај децата е вообичаено нарушување кога тие штотуку почнуваат да одат. Повеќето деца го надраснуваат одењето на прсти. Децата што продолжуваат да се движат на тој начин, веројатно го прават тоа од навика.

Одење на прсти се однесува на одењето на врвовите на стапалата, односно кога петата не го допира подот помеѓу чекорите.

Зошто малите деца одат на прсти?

Одењето на прсти кај децата се смета за физиолошко („нормално“) однесување, на возраст до три, односно пет години. Како што го усовршуваат одењето, децата повеќе газат со целото стапало, а помалку на прстите, па повеќето од нив го губат „одењето со прсти“ до тригодишна возраст.

По таа возраст (ако нема медицински оправдана причина), одењето на прсти кај постарите деца се смета за идиопатско одење.

Нарушувањето често е резултат на церебрална парализа, мускулна дистрофија или други болести на мускулите и нервите. Децата со аутизам, исто така, може да одат на прсти, ако имаат тактилна хиперсензитивност или сензорна дисфункција.

Важно е да се напомене дека не секое одење на прсти е знак/симптом, туку, како што споменавме, тоа е типична фаза во развојот на децата.

Доколку детето не покаже заостанување во другите сегменти на развојот, најверојатно ќе го надрасне овој тип на одење и ќе се развива според својот потенцијал.

Одење на прсти кај децата – причини

Одењето на прсти е навика која се развива кога детето учи да оди. Во неколку случаи, ова нарушување може да биде предизвикано од нешто, а најчестите причини се:

-Кратка Ахилова тетива – тетива која ги поврзува мускулите на долниот дел на ногата со задниот дел на коската на петицата; ако е премногу кратка, може да спречи петицата да ја допира земјата

-Церебрална парализа – нарушување на движењето, мускулниот тонус или состојба предизвикана од повреда или слаб развој на незрелиот мозок, најчесто пред и околу раѓањето.

-Мускулна дистрофија – генетска болест во која мускулните влакна се невообичаено чувствителни на оштетување и слабеат со текот на времето (накратко – слабеење на мускулите); оваа дијагноза ќе биде поверојатна ако вашето дете одело нормално пред да почне да оди на прсти.

-Одењето на прсти и аутизмот – комбинација на нарушувања од спектарот на аутизам, што влијае врз способноста на детето да комуницира со другите, а во овој случај се однесува на преголема чувствителност на тактилниот систем, односно на тешкотии во сензорната интеграција.

Причината може да биде и некоја ортопедска состојба, како што е вродено криво стапало (попознато како „криво стапало“) или воспаление на плочата за раст во петицата. Структурната промена на стапалото или ногата го оневозможува спуштањето на петицата на земја или го прави многу болно и непријатно за детето.

Кога да се оди на лекар?

Спомнете го одењето на прсти при следната посета на лекар. Закажете преглед порано ако нарушувањето е придружено со недостиг на координација или затегнати мускули на нозете. Лекарот може да ја процени функцијата на мозокот и развојот на моторните функции за да го одреди најдобриот тек на лекувањето.

Одењето на прсти се забележува при физичкиот преглед. Во некои случаи лекарот може да побара анализа на одењето или дополнителен тест – електромиографија (ЕМГ). Ако постои сомневање за состојба како церебрална парализа или аутизам, се препорачува невролошко тестирање.

Раната интервенција е од суштинско значење бидејќи физикалната терапија или операцијата може да ги подобри моторните вештини и мускулната сила и да го спречи оштетувањето на мускулите кои влијаат врз движењето на зглобовите.

Третман за одењето на прсти

Ако вашето дете оди на прсти од навика, тогаш третманот не е неопходен бидејќи ќе го надрасне сето тоа. Вашиот лекар може лесно да го следи однесувањето на вашето дете за време на редовните посети.

Ако физички проблем придонесува за ова нарушување, тогаш можни се следниве третмани:

Физикална терапија – нежно истегнување на нозете и мускулите на стапалата што помага да се подобри одењето на детето.
Ортози – ортопедски помагала кои учествуваат во промовирањето на нормалното одење; ги продолжуваат тетивите на долниот дел од ногата и стапалото и го зголемуваат опсегот на движење на зглобот на глуждот; по некое време употребата на ортотични средства повеќе нема да биде потребна.
Гипс – ако физикалната терапија и лонгетите не помагаат, се препорачува да се носат тешки гипсови неколку недели, за постепено да се подобри способноста за придвижување на прстите поблиску до потколеницата.
Операција – ако горенаведените третмани не помогнат, лекарот ќе предложи операција, во која мускулите или тетивите на задниот дел од потколеницата се издолжуваат.

Конзервативните решенија вклучуваат истегнување на ногата, носење цврсти чевли и одење по чакал. Ако одењето на прсти е поврзано со церебрална парализа, аутизам или други проблеми, третманот се фокусира на основната причина за нарушувањето.

Последици од одењето на прсти

Доколку ваквото одење стане навика, телото на детето се приспособува на новата состојба и тоа станува нормално.

Ахиловата тетива на задниот дел од потколеницата може да остане скратена, а тоа доведува до неможност правилно да се користат зглобовите. Споменатото, во случајот со Ахиловата тетива (пета), влијае врз глуждот, што може да доведе до силна болка.

Дете со кратки Ахилови тетиви не може правилно да ги крева прстите, да оди, да трча или да се качува. Ова дополнително го одложува забрзаниот раст и развој на моторичките вештини кај децата, што влијае и врз квалитетот на животот.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top