Поради големиот број отсуства, наставниците не можат да го предадат материјалот. Во многу училишта и наставниците се болни
Сезонскиот грип продолжува да ги празни училиштата низ државава. Се разболуваат ученици што не го прележале грипот. Но, како што тврдат родители, многумина од оздравените повторно се разболуваат и отсуствуваат од училиште. Докторите објаснуваат дека освен вирусот на грип, има и други сезонски вируси кои ги легнуваат децата во постела.
Поради големиот број отсуства, наставниците не можат да го предадат материјалот. Во многу училишта и наставниците се болни.
Од страв и здрави деца не одат во школо
Светлана Масларевска, директорка на Основното училиште „Коле Неделковски“ во Општина Центар, вели дека во ова училиште од вкупно 650 ученици, отсутни се околу 150.
– Долго време сум директор на училиштето и можам да ви кажам дека олкав број на отсутни ученици немало други години. Многу од родителите и превентивно не ги носат дечињата на училиште. На дневна основа правиме проверка на бројот на отсутни. И наставниците се разболуваат, не можат да се изолираат од оваа ситуација. Отсуствуваат по неколку дена, па се враќаат на работа. Ќе правиме дезинфекција на училиштето, ќе се чистат кваките, вратите, сè ќе се дезинфицира со дизентал. Хигиената мора да се одржува на високо ниво – вели Масларевска.
Катерина Габунија, мајка на ученичка во училиштето „Гоце Делчев“ во Центар, вели дека како и минатата недела, половина ученици од одделението се отсутни.
– Минатата недела од вкупно 20 деца, на училиште одеа само осум. Наставничката предава комплексни содржини и не им ги одложува тестовите на учениците. За да ги заштитам ќерка ми и нејзиното братче, не одиме на места каде што има многу луѓе, избегнуваме родендени и слично – вели Габунија.
Ординациите се полни со пациенти со симптоми на грип. Педијатрите прегледуваат и по 80 деца дневно. Како што информираат од Клиниката за детски болести, таму во последното деноноќие се прегледани 86 деца, а три од нив се задржани на лекување. На клиниката се хоспитализирани 34 деца, сите се во стабилна состојба.
Докторите велат дека грипот неделава го достигнува својот врв, но се очекува да се намали идната недела.
Нема вонреден распуст
Од Министерството за образование и наука велат дека засега нема одлука за привремен прекин на наставата или за вонреден распуст.
– Министерството за образование и наука во ситуации на интензивирање на заразни болести секогаш ги следи препораките од другите надлежни институции за јавното здравје, односно од Комисијата за заразни болести, така што доколку биде донесена одлука за привремен прекин на настава или, пак, се преземе друга мерка во меѓувреме, јавноста ќе биде навреме информирана – велат оттаму.
Нема епидемија
Министерот Венко Филипче за „Деца.мк“ потврди дека засега од Комисијата за заразни болести нема одлука за прогласување епидемија.
– Освен ограничена посета на јавни здравствени установи, нема други одлуки на Комисијата. Грипот е сезонска епидемија сам по себе – вели министерот.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, досега се регистрирани 3.614 заболени со симптоми на грип. Од почетокот на сезоната 2019/2020 во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ се пристигнати 391 хуман материјал од здравствените установи од кои 178 (45,5 отсто) се позитивни на присуство на вирусот на инфлуенца.
912