Воспитување

Од вештините на детето, а не од возраста, зависи кога ќе може да го оставите само дома

Бидејќи не се одвојувате од вашето дете во првите години, идејата тоа да остане само дома, барем еден час, може да изгледа неодолива. Но, како да знаете кога е време детето да остане само дома? Кога родителите можат да кажат дека нивното дете е подготвено за овој важен чекор?

Во 70-тите и 80-тите било нормално децата да седат сами дома кога ќе се вратат од училиште додека нивните родители не се вратат од работа, но денес сѐ помал број од децата остануваат без надзор. Законот за семејство предвидува дека децата од предучилишна возраст не смеат да бидат сами без надзор на лице над 16 години. Исто така, бебињата или малите деца никогаш не треба да се доведуваат во ситуација да останат без соодветен надзор. Експертите сметаат дека повеќето деца до девет години не треба да бидат сами во куќата по училиште, а децата под 13 години немаат доволно развиени капацитети да реагираат во непредвидливи ситуации, поради што не е пожелно да се бидат сами долг период. Но, одговорот на ова прашање не секогаш зависи само од возраста на детето.

Како да знаете дали вашето дете е подготвено да остане само дома?

Ерика Леонард од „Kidpower.org“, непрофитна организација посветена на зајакнување и заштита на децата, вели дека одлуката да се остави детето само дома започнува со неговата подготовка за зголемена одговорност. „Реалноста е дека оставањето на детето само дома се заснова на вештини, а не на возраст. Вештините потребни за детето да остане само дома може да се научат и практикуваат на речиси секоја возраст, што на крајот води до момент кога на родителот му е удобно знаејќи дека неговото дете има вештини да управува со ситуации што може да се појават“, вели Леонард.

Иако возраста не треба да биде главниот показател за тоа дали детето е подготвено да седи само, родителите мора да се водат од законската рамка и да ја почитуваат. Исто така, важно е да вежбате со вашето дете различни сценарија со кои тоа може да се сретне додека е само дома, од тоа дали да реагира на тропање на вратата до ситуација што да прави во случај на пожар.

Тренинг

Пред да го оставите вашето дете само дома, Леонард вели дека е добра идеја да вежбате пробно – како начин детето да ги научи вештините и да се чувствува сигурно кога ќе остане само дома. „Можете да вежбате што да правите ако некој ѕвони до вратата“, наведува таа. Таа, исто така, советува да го научите вашето дете на кого да му се обрати за помош ако е само дома.

Долгорочната цел е да се заштитат децата и да се обликуваат во силни и независни луѓе


Вештините што им се потребни на нашите деца треба да се идентификуваат што е можно порано. На пример, кога детето е сè уште мало и го носиме в раце, мораме гласно да кажеме: „Ајде да погледнеме во двете насоки пред да ја поминеме улицата“. Така тоа ќе почне да се вградува во свеста на детето уште од рана возраст. Леонард заклучува дека градењето цврста основа за доверба во нашите деца ќе ги поттикне децата да преземат одговорности како што е останувањето сами дома.

„Изградете основа за силни врски во животот на вашето дете што се состојат од доверба и самодоверба“, додава таа.

Извор

Поврзани написи

To top