Македонистите, методичарите и практичарите со кои поразговаравме велат дека наставните програми по мајчин јазик мора да се променат. Но истовремено и родителите треба да се потсетат на својата одговорност
Основците не го знаат значењето на голем дел од зборовите во еден текст. Наставниците велат дека се случува да не знаат и 40 проценти од зборовите во еден текст и додаваат дека и тие и родителите, а и општеството има итна и значајна задача за да се променат овие состојби. Македонистите, методичарите и практичарите со кои поразговаравме велат дека наставните програми по мајчин јазик мора да се променат бидејќи вака само ќе се зајакнуваат неписмените генерации што ги произведува системот. Но истовремено и родителите треба да се потсетат на својата одговорност.
Одговараат на прашања со нецелосни реченици
Лилјана Атанасова, долгогодишен наставник во Основното училиште „Живко Брајковски“ во Бутел укажува на низа пропусти што ги прават децата во изразувањето и пишувањето. Многу од нив не знаат да одговорат на прашање со целосна реченица. На пример, на прашање „Каде отишла мечката?“, тие одговараат „Во шумата“ наместо „Мечката отишла во шумата“.
– До минатата година бев директор, а сега сум повторно одделенски наставник. Во минатото не сум имала проблем со моите ученици, сум знаела да ги описменам. Но сега затекнав ученици во трето одделение од кои деведесет отсто пишуваат неправилно. Или, на пример, имаше ситуација кога децата читаа текст од половина страница. Ако во текстот имаше 100 збора, ним 40 збора не им беа јасни, не им го знаеја значењето. Тоа е одраз на тоа дека малку разговараат дома, малку читаат. Не знаат што е „жубор“, не знаат што се „ветки“ – вели Атанасова.
Според неа, тоа покажува дека децата немаат претстава за светот околу себе.
– Но, тоа не се постигнува само на часот по македонски јазик, туку и, на пример, на природни науки. Еве сега треба да учиме за живеалишта на Северниот Пол, а тие не знаат кои животни живеат во нашите шуми. За празникот 11 Октомври ги прашувам зошто се слави и велат дека славиме роденден на татковината. Тие друг празник не разликуваат. Им велам: „Деца, одевте во градинка, во прво, второ, трето одделение, зарем не знаете дека тоа е денот на востанието“. Имав случај кога зборував за национални паркови. Тие не знаат ниту еден национален парк. Биле во Маврово, на Галичица, а родителите не им кажале дека тоа се национални паркови. Родителите не се свесни како треба да придонесат и да ги подучуваат. Прошетките треба да им бидат активни, да учат од нив – објаснува Атанасова.
Сите овие нешта, според неа, зависат од амбициозноста на наставникот и на родителите.
– Неодамна им дадов домашната работа да ја напишат на компјутер. Само еден ученик ја напиша и ја донесе. Сфатив дека 70 отсто од нив немаат инсталирано „Ворд“ на компјутерите дома и дека ги користат исклучиво за интернет. Ова не смее да биде така – потенцира наставничката.
Зборувањето дома е ужасно
Наставните програми по мајчин јазик не треба да се вакви какви што се, нагласува проф. д-р Благица Петковска, методичар и професор по македонски јазик на Педагошкиот факултет. Таа смета дека и родителите имаат вина за ваквата ситуација. Според неа, зборувањето дома е многу важно.
– Треба само да излезете надвор, на лулашки, и да видите како мајките и татковците комуницираат со своите деца. Таа комуникација е многу лоша, некултурното говорење е секојдневие, дури и како да си го јакнат егото со примитивизмот во тоа однесување. Дополнително, овде е и некултурата, а примарното воспитување, моделот, е во семејството. Децата се неписмени поради нечитање книги, на детски печат – вели професорката.
Јазичната писменост е нешто што треба да биде приоритет во образованието, а, за жал, речиси ништо не се презема во врска со тоа. Дека децата се јазично неписмени, доказ е и последниот резултат на меѓународното истражување ПИСА, кое покажа дека Македонија е претпоследна на листата со земји.
– Просветата појде во многу лоша насока. Во јазична писменост спаѓаат сите елементи – говориш, слушаш, декодираш порака со размислување, читаш, пишуваш. Тоа е мисловен процес зашто во најтесна врска се токму јазикот и мислата. Така се развива мислата. Затоа најмногу треба да се обрне внимание на ова. Јазичната писменост ги опфаќа и подрачјата изразување и творење, ученикот треба да знае како да структурира текст, да го осмисли и граматички точно да го напише. Имаше залагања по предметот македонски јазик да се издвои граматиката од литературата, но тоа не се случи. За жал, вака само добиваме сè понеписмени генерации.
Писменоста опаѓа не само во однос на правописот, туку и во стилот, во академското пишување, што кај студентите се губи, во формата на пишување. Во практика сè е срушено. Овие состојби не се менуваат преку ден. Тоа бара стручни тимови составени од методичари, јазичари, литерати, педагози, кои ќе знаат да ги приспособат учебниците. Веќе 20 години никој нема слух за македонскиот јазик – вели Петковска.
912