„Вело-училишта“ претставува образовна програма која се состои од различни типови активности, планирани за реализација во и надвор од училница, како дел од редовните часови, но и како воннаставни активности. Досега се опфатени околу 10.000 деца
Програмата „Вело-училишта“ има цел да го промовира велосипедизмот како безбеден, здрав и алтернативен начин на превоз за учениците во Македонија. И веќе неколку години успева во својата мисија.
Основачот на мрежата на „Вело-училишта“, Никола Нешкоски, кој е и претседател на организацијата „Еко Логик“, заедно со својот тим ги стимулира учениците преку забавни и интерактивни активности, во и надвор од училница, почесто да возат велосипеди, ги учи на здрави навики и екооднесување.
– Со други зборови, воведуваме неформално образование во формални институции, и тоа насочено кон една многу важна тема: велосипeдизмот. Но, учениците не се мотивираат само на овој начин. И, секако, голем фактор во реализирањето на програмата играат наставниците и наставничките. Голем дел од заслугите одат и кај нив – ни сподели Никола.
Зголемен бројот на вело-ученици
Тој ја креирал програмата поттикнат од својата љубов кон велосипедизмот, и на спортски план и едноставно како начин на транспорт, како и од недостигот од овој тип образование во македонскиот образовен систем. И веќе има резултати од програмата и позитивни промени.
На прашањето дали по спроведените работилници има интерес и расположение кај учениците да одат на училиште со велосипед, тој вели:
– Одговорот не е баш едноставен. Кај децата во огромен дел има расположение да доаѓаат со велосипед на училиште, но во реалноста не е така. Мал број деца доаѓаат на училиште со велосипеди. Ова се должи на неколку клучни фактори, при што како најважни би ги издвоил немањето соодветна инфраструктура (вело-патеки) до/околу училиштата, но и сѐ уште ниската сообраќајна култура, и непрописното возење и окупирање на јавниот простор, со што се отежнува возењето, особено кај најмладите. Би го додал и стравот (во поголем број случаи и оправдан!) на родителите, кои сѐ уште не ги пуштаат сами (или придружуваат!) своите деца да одат со велосипед до училиште – вели Никола.
Во 2019 г. едуцирани над 10.000 ученици
„Вело-училишта“ претставува образовна програма која се состои од различни типови активности, планирани за реализација во и надвор од училница, како дел од редовните часови, но и како воннаставни активности.
– Досега имаме спроведено најразлични типови за основи на велосипедизмот, изучување типови велосипеди, вело-терминологија и вело-делови, како и практично возење преку организација на добро познатите „Вело-родео“ настани. Резултатите се сѐ поочигледни и може да се изразат преку зголемен интерес кај децата, наставниците, но и родителите за темата велосипедизам, како и зголемен број деца и семејства на велосипед, на безбеден начин. Колку за информација, во 2019 година (пред ковид-19) со помош на наставници/чки од основните училишта-членки на мрежата „Вело-училишта“ успеавме да опфатиме околу 10.000 деца преку најразлични типови активности со велосипед. Ова значи 10.000 детски насмевки. За нас нема поголем резултат од ова – раскажува Нешкоски.
Според него, за да се исполни целта на „Вело-училишта“, односно да се создадат здрави навики кај идните генерации, треба итно и зголемено учество на локалните власти, првенствено преку регулирање на сообраќајот и промовирање на сообраќајната култура, но и преку зголемен број безбедни зони во непосредна близина на училиштата. Но, исто така, во овој случај се битни и другите играчи, од типот на велосипедски клубови, граѓански организации и вело-ентузијасти кои ќе ни се приклучат за заедно да дејствуваме и постигнеме поголем ефект – вели Нешкоски.
Учење преку игра
Велосипедизмот и придобивките од него убедливо најдобро се учат преку игра и забава, и тоа е основниот принцип по кој работи тимот на Нешкоски.
– Изнаоѓаме начини и воведуваме пристапи преку кои децата ќе сакаат да учат и теорија, но и да бидат вклучени и практично во изучување на темата велосипедизам. А истово важи и за наставниците. И тие уживаат во предложените пристапи. Многу важна за програмата е и инфраструктурата. Едноставно е, мора да имаме инфраструктура ако сакаме константно да го зголемуваме бројот на велосипедисти на улиците низ Македонија, на безбеден начин. Но, еве работите се подобруваат, од година на година (најмногу во Скопје) се подобрува инфраструктурата, а со тоа и сè повеќе деца и семејства кои ја користат при секојдневен транспорт со велосипед. Од друга страна, преку нашата програма предвидуваме и активности за симулација во сообраќајот, ситуации каде што немаме велосипедска патека, дупки на патот, непрегледни кривини, со други зборови – другата реалност – дополнува Никола.
Наставниците се клучни
Улогата и одговорноста на наставниците и на родителите се огромни во имплементирањето на велосипедизмот во секојдневието на децата.
– Наставниците се навистина клучен дел од целокупната реализација. Истото важи и за родителите кои заедно со нивните деца биле активно вклучени во сите активности што биле наменети за нив. Во поглед на нивниот придонес, само ќе споменам дека врз база на наши насоки, секојдневно десетици наставници организираат работилници со своите ученици, во и надвор од училница. Ова кажува многу и нè мотивира сите за понатамошна работа и подобрување – вели Нешкоски.
Успешните проекти, позитивните реакции од децата, исходот од досега сработеното ги мотивира секој ден поупорно да работат на својата мисија.
– Има многу активности што нè охрабруваат да продолжиме со посилно темпо, но искрените зборови на децата се тие што остануваат и се паметат. При последната „вело-родео“ турнеја решивме да воведеме т.н „книга на впечатоци“ каде што сите учесници (деца, родители, наставници, останати) пишуваа понекој убав збор за самиот настан. На настанот во Демир Капија, во екот на пандемијата, го добивме најдобриот коментар од едно детенце: ,,Од што ми беше убаво, заборавив дека постои вирусот“, мислејќи на ковид-19. Детските насмевки се главниот поттик да продолжиме со она што го правиме – вели Никола.
Тие со нови сили, замисли, стремежи продолжуваат од септември.
– Одиме чекор по чекор со нашите планови, почнувајќи со поставување база, па зајакнување на капацитетите, а потоа и подлабоко навлегување во образовниот систем. Има многу работи за кои ќе слушнете во блиска иднина, а се поврзани со градење на вело-училишта – вели тој.
Фото: приватна архива
912