Секој училиштен час е нова битка, во откривање на тајните на детската психа, во крадењето насмевки на нивните лица, во едукативната животна вага, макар за грам повеќе, да се добие „битката“ за ново ученичко постигнување!
Кога работното секојдневие почнува со детска насмевка и прегратка, широко се отвораат вратите на денот за уште една училишна приказна во која главни ликови се учениците со интелектуални и комбинирани попречености во психичкиот развој и аутизам, нивните родители и вработените во посебното основно училиште со ученички дом „Маца Ѓ. Овчарова“- Велес. Сценариото е слично, но секој ден си носи своја автентична приказна, слободно би ги нарекла семејно-училишни приказни, полни 32 години во вториот дом за учениците, но професионално и хумано, втор дом и за мене, како училиштен психолог.
А вториот дом постои од далечната 1973 година и во неговите темели се вградени многу училишни приказни како мозаик од безброј детски насмевки, солзи радосници и солзи таговни, за секоја научена буква и изговорена реченица, за секоја бројка и решена задача, за сите сигурни чекори и искачени скалила низ училишната патека на растење, созревање и успешно вклучување во пулсот на животот на локалната и поширока општествена заедница. Денес, актуелно, употреблив термин – социјална инклузија на лицата со попречености во сите области на живеење и општествено дејствување: образование, спорт, култура, здравство, социјала, економија, вработување итн. Но, јас ќе употребам и мој симболичен термин за децата со интелектуални попречености во психичкиот развој: тоа се ангели со скршени крилја, за кои ние, практичарите професионалци и дефектолози, сме се зарекле:
„И овие ангели ќе летаат и до сечија душа ќе допрат и слетаат,
само ако сме до нив постојано
ако сите заедно им помагаме
да чекорат низ темната и светлата страна на животот,
задача, ниту едноставна ниту лесна,
но крајно одговорна и благородна!“
Оваа моја приказна има почеток, но нема крај. Започнува со влегувањето во училишниот двор, а тука, првата препрека е совладана. Држејќи се со една рака за раката на родителот, наставничката, негувателот, понекогаш и другарчето, а со другата рака за ракодржачот, полека но сигурно се упатуваат во своите училници и кабинети.
Детската врева и гласови се утринска музика измешана со звуците на училишното ѕвонче. Со него се најавува пишувањето на новата страница од индивидуалната приказна за секој ученик, или стручно кажано, индивидуален образовен план за секоја детска душа. Се отвора училишната арена и почнува нова битка, со поддршка на познатите и драги ликови на наставниците, дефектолозите, логопедот, стручните соработници-психолог и дефектолог, негувателот-физиотерапевт, директорката, секретарката…. пред нивните ликови, децата се опуштаат и се подготвуваат, секој со различен интерес и мотивација, за совладување на новата наставна содржина, психомоторна и графомоторна вежба, да се изговори нов збор, да се прифати играта со другарчето.
Соња Гаврилова
Во секојдневната училишна арена, емоциите се составен дел од случувањата, професионалната посветеност, постигнувањата и очекувањата – микс од емоции кај учениците: радост и задоволство од успешното решавање на дадениот налог, разочарување и откажување од задачата ако не се успее, придружено со негативизам, отпор и деструкција. Но, таа состојба е краткотрајна, професионалците до нив ги адаптираат и дополнуваат едукативните содржини со рехабилитациски паузи во битката за нови, позитивни емоции.
Секој училиштен час е нова битка во откривање на тајните на детската психа, во крадењето насмевки на нивните лица, во едукативната животна вага, макар за грам повеќе, да се добие „битката“ за ново ученичко постигнување! Секој ден, катаден, миксот од емоции е задолжителен дел од одговорноста и професионализмот кај вработените во ПОУ „Маца Овчарова“.
Се разбира, во секоја битка постојат сојузници и партнери за соработка, а тоа се родителите на нашите ученици. Приказните за нив се исто така посебни и автентични. Секој нивни лик е втиснат во моите сеќавања затоа што и првите несигурни зачекорувања на родителите во училиштето, држејќи го своето дете за рака, завршуваат во кабинетот на стручните соработници. Тука се отвора срцето на родителот, се растоварува тежината од семејната судбина, се внесува надеж дека повеќе не се сами во борбата за подобар психофизички развој на нивното дете. Таа, единствена и величествена надеж, на почеток како сламка, но со годините што следуваат, станува цврста гранка, со зелени лелеави ливчиња, негувани со родителската и детска љубов, здружени во училишното стебло со цврсти корени од исплетени рачиња на многу нови првачиња и родители, како отпечаток и доказ за својата верба и победа!
Победата, индивидуална или групна, времена или трајна, ја носи радоста, ја заменува тагата, ја носи веселбата, ги отстранува осаменоста и затвореноста, отвора шимшир порти на родителската и детска среќа. Низ училишните кабинети за сензорна стимулација, за физикални и логопедски третмани, во училниците за едукација по македонски јазик, математика, ликовно и музичко образование, ОЖВ, во шарениот детски свет низ просториите на продолжениот престој и ученички дом, со поддршка од сите вработени, секојдневно, заедно, ја менуваме и подобруваме судбината на нашите ученици.
Но, училишниот живот не се одвива само тука, во просториите на училиштето, тој продолжува и надвор од кабинетите и училишната зграда, низ разни прошетки, излети и екскурзии, социјално интерактивни работилници, посети и учество во спортски и културни манифестации во локалната заедница и надвор од неа.
Од нектарот на розовата страна на детскиот и училиштен живот во кој, образовно, социјално и инклузивно секогаш сме присутни, по сите хумани и благородни, пишани и непишани правила, таа напивка ни припаѓа и ја заслужуваме сите ние: нашите ученици, нивните родители и сите вработени во ПОУ со ученички дом „Маца Ѓ.Овчарова“ – Велес.
Соња Гаврилова, психолог
912