м-р Светлана Трнинкова, логопед

м-р Светлана Трнинкова, логопед

ООУ „Ванчо Прке“ – Штип тел: 075224315

Повеќе од авторот

Во периодот на адолесценција до 18 години настанува хармоничен развој на телото со умот

За детето да може да го перципира-следи и осознае просторот, треба да има развиени сетила. Просторот има три димензии: длабочина, ширина и висина. Просторот го забележуваме и е мерлив благодарение на тоа што просторот и времето одат наизменично и се во согласност со фазите на развој на детето.

Времето има, исто така, три димензии: сегашност, минато и иднина. До шестата година прво се осознава сегашноста, потоа минато и перцепцијата на иднината.
Како што се развива логичкото – конкретното мислење кај децата, а од 11-тата година и апстрактното, сето ова ќе овозможува критичен став, формирање сопствени гледишта и поглед на свет. Просторот и времето се мерливи. За да се ориентираме во просторот, треба да имаме појдовна точка и правец.

Како детето се доживува во просторот?

Сè започнува со едно полицентрично доживување (на делови) на себеси во светот преку движење и добра перцепција до 3- годишна возраст. Набљудувањето – перцепцијата и движењето е таканаречен сензомоторен спрег и е основниот пат на себеостварување во просторот во текот на првите недели, месеци од животот. Се истакнува доживувањето на просторот токму од аспект дека за детето е многу важно препознавањето и доживувањето на сопственото тело.

Веќе во третиот месец на живот детето го запазува ликот на својата мајка наспроти себе. Според Жан Пијаже, тоа е така затоа што е ликот на мајката постојано во непосредна близина на детето. Стручно, перципирањето на човечки лик е функција на хомеоморфија кај луѓето, тој лик е во предност при забележувањето и набљудувањето кај луѓето. Анри Валон стои зад мислењето дека предноста на препознавање на ликот на мајката кај децата уште на 3-месечна возраст е дел од социјалниот нагон кој е вроден кај луѓето.

Во првите осум месеци во животот на детето се доградуваат мозочните функции кои се одговорни за препознавање и примање на осетите за вид, слух, допир, притисок, мирис. Ова значи дека се изградуваат и се доразвиваат примарните мозочни полиња кои се во директен контакт со осетите што доаѓаат од сетилата на периферијата на телото – очи, учи, нос, прсти, тело. Ова е причина што многу детски психолози сметаат дека детето своето тело на почеток го доживува полицентрично во просторот. Сето ова се одвива на некое имагинативно, претставно ниво.
Значи, во раната фаза на растење детето се доживува себеси на делови.

Како што се развива говорот, и во периодот на раст и развој од 4 до 6-годишна возраст детето воспоставува сè поинтензивни релации и односи во однос на просторот, предметите и сè друго. Се јавува односот „јас-ти“, се развиваат детската фантазија и игрите. Во период на зрело детство или од 7 до 11 години во однос на интензивниот развој на логичкото конкретно оперативно мислење се препознава и стабилизира латерализацијата на телото и непосредниот простор околу телото и затоа детето треба да формира и да одредува лево и десно до себе, еден зад друг – прво со родител или наставник или дефектолог, едукатор и рехабилитатор, како и латерализација на телото и непосредниот простор на дете едно наспроти друго.

Кога младата личност ќе дојде во пубертетскиот период, тоа е период кога се формира и апстрактното мислење или и тука се актуализира доживување на телесната целовитост, но од друг естетски аспект (од аспект на сила и снага), но и од еротски аспект. Во овој период се појавува и култот на лидерство кога детето посакува да биде некој и нешто во една група.

Во периодот на адолесценција до 18 години настанува хармоничен развој на телото со умот.



912

X