Оралното здравје е важен аспект од детското целокупно здравје и добросостојба. Кога зборуваме за орално здравје, тоа опфаќа многу поширока рамка отколку само бели заби и свеж здив. Доброто орално здравје вклучува правилна исхрана, правилен говор, влијае врз самодовербата и социјалните интеракции кај децата и генерално кај луѓето. Децата што имаат нарушено орално здравје со рана појава на кариозни лезии на забите се склони кон долготрајни проблеми со оралното здравје кои вклучуваат и присуство на болка, инфекција, проблеми со говорот, џвакање, па дури и ран губиток на одредени заби. Затоа превентивните мерки се особено значајни за одржување на оптимално орално здравје.

Родителите се одговорни за воспоставување здрави навики кај децата и вооружени со соодветно знаење, играат клучна улога во одржувањето на детското орално здравје. Развојот на забите, од никнувањето на првото запче до соодветно подредување на трајните заби во низата, е долг процес кој поминува низ неколку развојни фази придружени со различни предизвици и прашања.

Имајќи ја предвид важноста на овој сегмент во целокупниот здрав детски развој, важно е да се подигне свесноста, пред сѐ, кај родителите, на кој начин тие можат да превенираат несакани последици за кои понатаму би било потребно посериозно лекарско третирање. 

Во тој контекст, овој текст има цел да одговори на најчестите прашања и дилеми на родителите во однос на оралното здравје кај децата и да понуди практични совети за ефикасно навигирање низ ова патување. 

0-6 месеци – подготовка за првите запчиња

Првите 6 месеци од раѓањето се период кога бебињата се подготвуваат за никнуавање на првите запчиња. Во овој период препорачливо е користење на мека, влажна ткаенина, најчесто тоа е газа или мек силиконски напрсток за блага масажа на непцата, која може да биде дел од ноќната рутина пред капење на бебето.

Периодот на никнување на првите запчиња е најчесто помеѓу четвртиот и шестиот месец. Доколку има отстапување од овој период, тоа не треба да биде причина за грижа. Првото запче што се појавува во усната празнина кај најголем дел од бебињата е мандибуларниот централен инцизив. Бебињата во периодот на никнување на запчињата знаат да бидат особено сензитивни, па често за ублажување на симптомите се служиме со изладени глодалки или изладено мало метално лажиче, се прави масажа на непцата или релаксирачка бања со цел да се зголеми комфорот. Кај бебињата кај кои е воведена и цврста храна, изладено и испасирано овошје како што е банана е уште еден начин за се направи дистракција од дискомфорот во овој период.

12 месеци – прва посета на стоматолог

Препораката на Американската асоцијација на педијатриски стоматолози (AAPD) е дека првата посета на стоматолог треба да биде во периодот помеѓу никнување на првото запче до првата година на детето. Во случај да сте го одминале овој временски период, никогаш не е доцна да се започне со грижата за детските запчиња.

Првата посета кај избраниот стоматолог е едукативна и овозможува запознавање на детето со средината, стоматолошкото столче и докторот. Во текот на првата посета не се преземаат никакви интервенции, туку стоматологот прави клинички преглед на запчињата на детето. Се посветува внимание на едукација на родителите во однос на изборот на соодветна четка и паста за заби, како и техниките на четкање на забите кај децата. Особено е важно родителите да ги подготват децата за првата посета на стоматолог и притоа да се воспостави позитивен став во однос на посетата на стоматолог. Денес постои голем избор на детски книги и сликовници кои на позитивен начин ќе го доближат до децата искуството од посетата на стоматолог и важноста за одржување на редовна орална хигиена. Од родителите се очекува да не го асоцираат одењето на редовни стоматолошки прегледи со негативни искуства, додека стоматологот треба да користи вокабулар приспособен за децата. За поголема мотивација кај децата, секогаш треба да им се даде одредена контрола и избор, на пример, слобода во изборот на четката за заби или вкусот на пастата за заби или, пак, играчката која ќе ја понесат со себе кај стоматологот. При првата посета на стоматолог, императив е детето и докторот да воспостават доверба, додека сите прашања на родителите ќе бидат одговорени на крај на посетата.     

3 години – кажете им збогум на цуцлите

Цицањето цуцла во првиот период од раѓање на детето има свои бенефити и особено придонесува за смирување на бебињата. Но, исто така, треба да се има предвид дека оваа навика треба навремено да се прекине за да не предизвика потенцијални проблеми. 

До тригодишна возраст се очекува сите 20 млечни заби да бидат никнати во устата на детето. Оттука, ова е возраста кога треба да се елиминираат сите навики што може да предизвикаат и трајни несакани ефекти на забалото на детето. Најчесто тоа е цицањето цуцла или прст. Доколку навиката не може да се прекине спонтано, консултирајте се со вашиот ортодонт.

Пролонгираната употреба на цуцла или цицање прст може да предизвика промени на забите, неправилна поставеност на јазикот, што од своја страна влијае врз растот и развојот на вилиците.

Д-р Стефана Чакар Коцевски
Фото: Приватна архива

3-6 години – редовно миење на забите

Во овој период детето веќе треба да има воспоставена навика за редовно миење на забите. Значајно е дека децата по третата година многу често инсистираат за самостојно миење на забите. И нормално, тоа треба да им биде овозможено, со задолжителна проверка од страна на родителите на крајот од миењето. Генерално, децата се подготвени за самостојно миење на забите по седмата година, кога можат сами да ги врзат врвките од патиките, самостојно да го напишат своето име, можат да следат инструкции како и да ги мијат 2 минути.

Миењето на забите треба да биде двапати на ден, еднаш наутро и еднаш пред легнување. Во текот на ноќта саливацијата е намалена, така што и физиолошкото чистење на забите е намалено, па затоа истото не би требало да биде оптоварено и со акумулација на плак и бактерии кои се насобрале во текот на денот.

Кај деца до три години количината на паста за заби треба да биде во тенок слој, додека кај деца над три години не повеќе од зрно грашок. Децата треба да користат четка за заби со меки влакна, а за децата над тригодишна возраст постои опција за користење електрична четка за заби. Кога се работи за пастата за заби, таа треба да содржи флуор во концентрација приспособена на возраста на детето.

Друг фактор значаен за одржување на детското орално здравје е и честотата на ужините. Секако, здравата храна е одговорна за правилен раст и развој на децата.  Но, за појавата на кариес, честотата на ужините, особено јаглехидрати, е поризична од количината на храната што детето ја консумира. Кога често внесуваат јаглехидрати, се создава поволна средина за раст на бактерии и создавање кариозни лезии.

7 години – прва посета на ортодонт  

Ортодонтцијата е специјалност во стоматологијата која се занимава со дијагноза, превенција и третман на неправилна положба на забите, како и модификација на растот на вилиците во периодот на интензивен раст кај децата, уште позната како дентофацијална ортопедија. Целите на ортодонтскиот третман се подобра естетика, но и функција.

На 7-годишна возраст кај децата е присутна мешовита дентиција и тогаш би требало да биде и првата посета на ортодонт, што не значи и започнување на ортодонтски третман. Во овој период во устата на детето се присутни млечни и трајни заби. Првиот траен заб никнува на околу 6-годишна возраст. Првиот ортодонтски преглед се состои од интраорален и екстраорален контролен преглед на детето. Се зема медицинска и стоматолошка анамнеза од родителот во врска со детето. За време на клиничкиот преглед се прегледуваат и функциите на детето, како што се начинот на дишење, зборување, голтање и џвакање. Се прави панорамска снимка од која добиваме значајни информации, како што е бројната состојба на забите, присуство или отсуство на одредени заби и трајни заби заменици, степенот на ресорпција на млечните заби или пак присуство на патолошки лезии и кариес. Ортодонтот зема отпечаток од забите на детето и фотографии од забите, како и профилот и анфасот на лицето за понатамошна анализа. Ортодонтскиот преглед е безболен и децата на оваа возраст лесно го прифаќаат.

Доколку ортодонтот увиди дека има одредена неправилност или ризик за развивање некоја неправилност, ќе ве советува за можните опции за третман, кога треба да започне и колку време ќе трае. Голем дел од ортодонтските проблеми се наследни, но одредени неправилности може да се здобијат и поради долга перзистенција на лоши навики, како што се долготрајно цицање прст, цуцла или грицкање на долната уста, потоа дишење на уста, неправилно голтање, предвремени екстракции или продолжена ретенција на млечни заби, како и ран губиток на трајни заби.

Знаци кои упатуваат дека детето има потреба од ортодотски преглед се: премногу рана или задоцнета смена на млечни заби, неправилна положба на забите, проблем при загризување или слизнување на долната вилица, дишење на уста, болки во зглобот, како и лицева асимерија.

Доколку ги воочите, не занемарувајте ги овие состојби и консултирарајте се со вашиот ортодонт.

Почитувани родители, здравјето на вашето дете во голема мера зависи од оралното здравје, а грижата за оралното здравје од раѓањето, во првите месеци и години, пред сѐ, зависи од вашата будност и посветеност. За да не се случи навидум банални детски навики или состојби понатаму да предизвикаат посериозни проблеми, обрнете внимание,  следете го денталниот развој на вашето дете, поддржувајте здрави навики за правилен раст и развој и не заборавајте дека оралното здравје е клучно за општото психофизичко здравје на вашето дете.

Пишува: д-р Стефана Чакар Коцевски, специјалист по ортодонција

За повеќе совети во врска со превентивна стоматологија и ортодонција, станете дел од инстаграм-заедницата: dented_za_zdravi_nasmevki



912

X