Од први мај се воведува нова услуга за електронски упис на првачињата. Преку порталот uslugi.gov.mk родителите/старателите ќе можат да пополнат апликација, да изберат училиште и да ги прикачат потребните скенирани документи. Откако апликацијата ќе биде прифатена, се одредува термин во кој ученикот ќе треба да дојде на разговор со педагогот во училиштето, пишува во соопштението од Министерството за образование и наука.

Новата дигитална услуга денес ја промовира министерката за образование и наука Мила Царовска.

– Оваа година благодарение на Центарот за управување со промени и Британската амбасада голем дел од услугите кои ги нуди МОН се дигитализираа, а посебно сум горда на оваа услуга која го олеснува пристапот на родителите кон упис на нивните деца и наши ученици во образовниот систем. Тоа ќе го направат со прикачување на сите потребни документи и откако тој административен процес ќе се заврши, имаат само една посета во училиштето на средба со педагогот и процена и понатамошно започнување на процесот на образование на еден ученик – рече Царовска.

Услугата за електронски упис на првачиња е големо олеснување и за администраторите во училиштата, бидејќи наместо нив, податоците за секој запишан ученик се внесуваат автоматски во ЕСАРУ-системот на Министерството каде што се води евиденција за сите училишта во државата. За користење на алатката од страна на училиштата, предвидени се соодветни обуки кои започнуваат уште утре.

За оние родители што поради каква било причина немаат можност да ја искористат оваа електронска услуга, останува можноста за пријавување на првачињата за упис и со физичка достава на документи во училиштето.



912

X