Менувањето пелени, непроспиените ноќи и доењето се нешта што родителите со задоволство ги паметат кога на сцена стапуваат тинејџерските години, често познати по трескање врати, повлекување во себе и први знаци на заљубување. Едноставно, тинејџерите во своето созревање поминуваат низ низа социо-емоционални и физички промени, со кои понекогаш се мачат да се справат.

Одењето кај психотерапевт може да помогне да се води нивното однесување и да се самоидентификуваат. Истражувањата покажуваат дека психотерапијата помага да се надмине анксиозноста, сомнежот во себе и осаменоста. Меѓу другото, тинејџерите на сесиите зборуваат за своите родители, нивното одрекување, борба и измешани емоции.

Кои се типичните мисли на тинејџерите за нивните родители кои ги споделуваат со психолозите, пишува д-р Ана Кандаре Шољага, која покрај тоа што е авторка на книгата „Тинејџери: практичен водич за родители“, речиси секој ден разговара со тинејџерите во нејзиното психолошко советувалиште во Риека, Хрватска.

„Тие велат…

Ми велат дека ја почитуваат вашата искреност, особено онаа што бара храброст, кога ќе признаете дека сте погрешиле.

Ми велат дека ја почитуваат вашата упорност, на пример, кога секој ден се обидувате да помогнете во училишните задачи, иако тие – повеќе од еднаш – ладно ве отфрлиле.

Ми кажуваат колку ве сакаат кога доаѓате на нивните натпревари или настапи, иако тврдат дека навистина не им е грижа.

Ги радува тоа што секогаш им нудите наклонетост и никогаш не молите или не барате нешто за возврат.

Ми велат дека тоа што можете да се смеете на сопствените „грешки“ им помага да слушаат што им кажувате за нивните.

Ми кажуваат дека се импресионирани што успевате да ги оставите настрана своите потреби заради нивните, како кога знаат колку ви се важни чистотата и редот, а сепак нивната збунетост и неорганизираност не ја сфаќате лично.

Ми кажуваат дека биле тажни долго време откако сте им кажале колку сте се исплашиле кога се вратиле дома пијани.

Тие се изненадени од тоа колку многу правите и постигнувате без да се жалите.

Ми велат дека не разбираат како успеавте да се справите со агресивен и насилен сосед, без да го изгубите достоинството ни за момент.

Сакаат да знаат како успевате да изгледате толку силни без никогаш да кренете рака во лутина.

Тие се горди што ги имате вештините што ви помагаат да се согласувате толку добро како маж и жена, дури и по сите овие години заедно.

Ми велат дека гледаат како ги учите со тоа што го живеете својот живот, а не со тоа што им „држите лекции“.

Ми велат дека се навистина среќни што никогаш не велите „ти рековме“.

Многу размислуваат за тоа како никогаш не навредувате или посегнувате по „ниски удари“, дури и кога тоа го заслужиле и кога би било најлесно.

Ми кажуваат како им изгледа – кога ќе ве погледнат – дека навистина некако сте „пораснале“.

Ми велат дека ги сакаат моментите кога не им кажувате што и како да направат нешто, туку им дозволувате сами да го направат тоа.

Тие ви се благодарни за сите оние одлуки за кои знаат дека сте сакале да ги контролирате, но не сте го сториле тоа бидејќи сте сакале тие да пораснат и да бидат свои.

Ми велат дека ве слушаат како зборувате за алкохол и дрога, токму затоа што не ги земате вие.

Ми велат дека не разбираат како успевате да останете смирени дури и кога тие целосно ќе полудат.

Ми велат дека се горди што се трудите да научите како да бидете уште подобар родител.

И што друго велат?

Ми велат дека не слушаат ништо кога викате толку гласно.

Ми кажуваат дека кога дознале оти сте имале вонбрачна љубовна врска, им се скршило срцето и вербата во љубовта.

Ми велат дека се згрозени од тоа колку сте „малечки“ по шестото пиво.

Ми велат дека не поднесуваат молење или барање наклонетост.

Ми велат дека се чувствуваат изгубени кога ќе станете ладни кон нив затоа што згрешиле.

Ми велат дека се исплашени кога на нивните грди зборови одговарате со „мило за драго“.

Ми кажуваат колку е тажно да се види кога сте толку слаби по карактер што морате да ја искористите мускулната сила за да им „влеете страв во коските“ и да воспоставите дисциплина.

Ми велат дека им се смалувате во очите секогаш кога сте саркастични.

Ми велат дека ги фаќа паника кога ќе видат дека се однесувате детско како нив.

Автор: д-р Ана Кандаре Шољага/психолог

Извор



912

X