Здравје

Од пелени се со мобилен в рака – секое трето дете има тешкотии во развојот на говорот

Речиси третина од децата помали од 3 години имаат тешкотии во психо-физичкиот развој и развојот на говорот, а од година на година се зголемува бројот на деца што имаат проблеми со пелтечење, училиштен успех, внимание, хиперкинетички и нарушувања од аутистичниот спектар.

Д-р Лилјана Аврамовиќ, в.д. директор на Заводот за психо-физиолошки нарушувања и говорна патологија „Д-р Цветко Брајовиќ“ во Србија, забележува дека оваа здравствена установа прима поголем број пациенти со аутистични нарушувања.

– Тоа не значи дека е во пораст бројот на аутистични деца – причина е подобрата детекција, поголемата опфатеност на деца со тријажни прегледи, проширени сознанија за аутистични нарушувања, како и проширување на мрежата на институции, како во приватниот така и во државниот сектор, кои ги прифаќаат пациентите со овој вид проблеми во комуникацијата и социјалната интеракција. Благодарение на подобрата едукација на експертите кои се занимаваат со развојна проблематика, ова нарушување подобро и порано се дијагностицира. На наше големо задоволство, теоријата за студеното мајчинство, односно родителство кое со децении се сметало за причина за настанокот на аутистичното нарушување, стана дел од историјата – истакнува д-р Аврамовиќ.

На прашањето дали порастот на деца со говорни нарушувања – пелтечење, неправилно изговарање на зборовите и доцно прозборување, можеме да ги доведеме во врска со фактот дека децата уште од многу малечки – од пелени – држат мобилен телефон в рака, а родителите помалку се занимаваат со нивниот јазичен развој, д-р Аврамовиќ вели:

– Има вистина во тоа дека децата од раниот развоен период сѐ повеќе се изложени на долготрајни видеосодржини. Таблетите и мобилните телефони често им служат на родителите како замена за вербална размена со детето, која подразбира и други облици на размена, како визуелна, тактилна и емотивна. Самиот стил на современ живот, поставени високи професионални и економски цели, секако го намалува контактот на родителот со детето, што значително влијае врз општиот психомоторен развој.

Какво однесување на детето е знак дека треба да се побара помош од експерт?

– Родителите може да се обратат на експертите од Заводот ако имаат какво било сомнежи или несигурност дека нивното бебе има некои развојни проблеми, особено ако е предвремено родено или на раѓање добило ниска оцена (таканаречен Апгар скор). Ако детето не реагира на звуци, не ги следи родителите со погледот, не покажува интерес за предмети или ги истражува на необичен начин, доцни со зборување, ако развојот на моторичките способности е забавен, ако не е заинтересирано за играчки. Аларм е и ако детето не реагира на зборовите на родителите или е незаинтересирано за говорот на околината, ако пелтечи или неговиот изговор е неразбирлив за опкружувањето, ако го цица палецот, ја скубе косата, нетолерантно е на фрустрација, има ноќни мокрења – сето тоа се знаци дека психо-физичкиот развој можеби не се одвива како што треба и дека родителите треба да побараат помош од експерт што е можно побрзо – поради „пластичноста“ на нервниот систем во раниот развоен период – вели д-р Аврамовиќ.

Таа истакнува дека се особено горди на стационарот во Липовица во чии рамки се врши интензивна едукација на родителите за начинот на занимавање на детето во однос на неговите специфични потреби.

– Во денешно време ова би се нарекло школа за родителство за децата со посебни потреби. Во рамките на стационарниот престој пациентите се прегледувани од повеќе експерти кои покриваат различни домени од развојот на детето. Претходните години значајно ја збогативме материјално-техничката основа на работата, ја подобривме удобноста на престојот на пациентите, како и условите за работа на вработените. Досегашната одлична соработка со министерството за здравство резултира со значително подобрување на квалитетот на условите во стационарот, а во тек е и опсежно реновирање на објектот – заклучила докторката.

Автор: Катарина Ѓорѓевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top