Игротека

Од идната година ќе може електронски да се пријави новороденче

Министерството за дигитална трансформација соопшти дека од јануари пријавувањето на новороденче ќе биде целосно автоматизирано преку проектот наречен е-бебе.

Оттаму истакнаа дека била формирана работна група помеѓу повеќе инстутции, меѓу кои Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерството за здравство-Управа за електронско здравство и соодветните јавни здравствени установи, за постигнување целосна автоматизација во издавањето на првиот извод од матична книга на родени за новороденчиња (Проект: е-бебе).

-Проектот е-бебе, кој е поддржан и од канцеларијата на УНИЦЕФ, предвидува првиот извод родителите да го добијат во болница, најдоцна до 48 часа од раѓањето на бебето. Министерството за дигитална трансформација, искористувајќи ја Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, спроведе поврзување на сите засегнати институции во процесот за целосно автоматизирано пријавување на новороденчето. Во втората фаза на проектот се поврзуваат и услугите за здравствено осигурување од Фондот за здравство, како и услугите на помош за новороденче кои ги издаваат Министерството за социјална политика, демографија и млади – стои во соопштението.

Се додава дека од родителите ќе се бара да имаат профил на ниско ниво на Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk.

Од Министерството на крај истакнуваат дека се стремат кон целосна реализација на проектот до јануари 2026 година.

Поврзани написи

To top