Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Би сакала да добијам совет како да постапам кон моето дете кое често знае да биде нервозно. Оваа промена настана одеднаш. Од мирно, послушно девојче се претвори во неподносливо дете. Многу е интелигентна за нејзина возраст. Сака да учи нови работи, брзо запомнува песни, приказни, сака да пишува, црта… Едноставно за нејзина возраст, 4 години, таа напредува брзо (тоа е мислење и од други личности). Сето тоа е одлично, но кога сака да ѝ дојде некоја другарка, а не може, кога некој си оди од кај нас, а таа не сака, кога не ѝ се дозволува нешто во моментот, почнува да вика и силно да плаче како некој да ја истепал. Почна да се жали дека сите ја нервираме, дека главата ја боли кога ја караме и слично. Понекогаш брзо се смирува, но некогаш морам да бидам строга за да заврши викањето или плачењето. Едноставно не знам како да постапам. Дали со добро или со лошо? Речиси секој ден е таква и навистина сакам да се смени тоа. Прво мислев дека е љубоморна на братчето, кое е 2 години помало, но со него се однесува нормално. Знаат да играат и да се скараат за играчка, но и да си помогнат. Ве молам за мислење и совет.
ОДГОВОР: Однесувањето со кое се соочувате кај вашата ќерка е облик на однесување со кое верувам дека се соочуваат многу родители. Кога ваквото однесување се јавува кај мали деца, до 3-годишна возраст, тоа може да биде резултат на нивната преплавеност со силни емоции и фрустрација која потекнува од неможноста да се справат со нив. Од друга страна, кога ваквото однесување се случува кај малку постари деца, тоа може да индицира дека тие или сè уште не научиле како соодветно да ги саморегулираат чувствата и фрустрацијата, или дека преку таквото однесување сакат да манипулираат, т.е. да повлијаат врз другите за да ги добијат нештата што ги сакаат.
Од она што ми го пишувате за вашата ќерка таа не ми изгледа како дете кое не умее да се саморегулира. Доколку во нејзиното секојдневие не постои нешто што силно ја вознемирува и ѝ предизвикува преплавувачки чувства, силна вознемиреност и фрустрација, тогаш ваквото нејзино однесување веројатно е повеќе обид да ја наметне својата волја и да ги истера работите по нејзино.
Ваквиот облик на однесување е сосема нормален и важно е да не го доживувате како напад врз вашиот родителски авторитет. Како што растат, така децата учат дека можат да влијаат врз својата околина и почнуваат да експериментираат со различни начини и стратегии кои ќе им овозможат успех. Вклучително, тие ја истражуваат и сопствената моќ, ги тестираат границите на другите и полето на своето влијание.
Доколку сметате дека однесувањето на вашата ќерка спаѓа повеќе во последната категорија, тогаш е многу важно да не го охрабрувате, ниту пак поддржувате ваквиот начин на однесување преку потклекнување под барањата на детето, бидејќи така само ќе го зајакнете уште повеќе ваквиот образец на однесување.
Ивана Маринчек/Фото: Виктор Михајловиќ
Кога ќе се појави непосакуваното однесување, важно е да останете смирени. Доколку на таквото однесување реагирате со нервоза и лутина, ризикувате дополнително да ја отежнете ситуацијата и за вас и за вашето дете. Обидете се да зборувате со бавен и смирен глас. Уважете ги силните чувства кај вашето дете на тој начин што ќе му кажете дека разбирате како се чувствува, но не попуштајте, ниту преговарајте со неа. Ваквата поставеност може да ви помогне да спречите однесувањето на вашето дете да излезе комплетно од контрола, а воедно и да креирате безбедна средина во која ќе му помогнете на вашето дете да научи како подобро да се носи со силните и непријатни емоции.
Доколку однесувањето на детето и покрај сите ваши обиди ескалира во тантрум со викање, плачење и потенцијално удирање, не вознемирувајте се и не губете ја својата присебност. Останете до вашето дете за да знае дека сте таму и чекајте тантрумот да помине. Не обидувајте се да разговарате со неа додека е толку силно вознемирена, ниту пак да ѝ го одвлечете вниманието. Бидете доследни на вашите барања од неа и смирени во вашиот пристап. Знам дека сето ова умее да биде многу преплавувачко и тешко за многу родители, но смиреноста, јасните граници и постојаноста се клучните елементи во сузбивањето на ваквите непожелни облици на однесувања кај децата. Притоа водете сметка дека доколку понекогаш сте константни и се држите до своите граници, а понекогаш не, и поради умор или преплавеност попуштате, тоа дополнително може да го влоши и засили проблематичното однесување.
Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912