Воспитување

Од исцрпени до возбудени: Променете го вашиот родителски менталитет

Ги сакате вашите деца, но таа борба е немилосрдна. Сузан Г. Гроунер, основач на „Родителски ментор“, нуди 15 едноставни стратегии што ќе ви помогнат да внесете позитивност додека одгледувате отпорни, луѓе доволни на себе.

Сакајте ги во секој момент

Пред да се снајдете, тие веќе ќе бидат возрасни и ќе почнат сопствени животи. Затоа, не пропуштајте ги прегратките. Не заминувајте од дома без бакнеж или реченицата: „Те сакам“. Колку и да немате време, издвојте момент за тоа. Секогаш ќе бидете родител на детето, но времето што го имате на располагање навистина е кратко.

Заменете ги задачите со придонес

За да ги направите поинтересни домашните обврски, престанете да ги нарекувате обврски или задачи. Наместо тоа, нека бидат придонес кон семејството. Научете го двегодишното дете да ја собира валканата облека и да ја става во корпата. Детето од 7 години нека ги наводнува растенијата. Постарите деца може да учествуваат во создавање список со потребни намирници. Објаснете им дека сте сите во ист тим кој се труди околу напредувањето на заедничкото домаќинство. Бидете навивач наместо воен командант. Децата го зближуваат семејството.

Согласете се со радост

Ако сте свесни дека ќе морате на својата тинејџерка да ѝ дозволите да преспие кај пријателка, или на синот да му овозможите дополнителен колач по вечерата, едноставно прејдете на воодушевено „може!“ Кога ќе направите гест кој на децата им изгледа како голема услуга, ја исклучувате радоста од тоа. Затоа додајте малку веселост со секое „може“ и „ајде да го сториме тоа“. Вашиот ентузијазам ќе направи децата да се чувствуваат подобро.

Издвојте време за секое дете

Не постои надоместување за времето што насамо ќе го поминете со детето. Позитивно и фокусирано внимание помага да се создаде и одржи емоционална поврзаност. Ако секој ден издвоите од 10 до 15 минути, тоа е одлично. Одредете го тоа време секој ден, а за најдобро да го искористите, овозможете му на детето да одбере што сака да прави со вас. Можете да градите кули или да играте игри со погодување. Постарите деца може да ви ја покажат омилената апликација или игра.

Прашајте ги за мислење

Активно слушајте. Наместо да им ги сервирате сопствените мислења за ситуацијата на училиште или проблемот што го имаат со пријателот, поставувајте му прашања за да утврдите што детето мисли за сето тоа. Секој сака неговото мислење да се цени и слуша.

Играјте друштвени игри

Друштвените игри не се само забавни, туку се и можност да ги замените семејните улоги. Игрите кои бараат среќа, а не вештина, им овозможуваат и на најмладите членови чесна победа. Некои деца сакаат игри во кои мора да предвидуваат како размислуваат соперниците, па понудете им такви содржини.

Дружете се само со луѓето што ги сакате

Престанете да се дружите со луѓе поради кои се чувствувате лошо или кои приговараат на вашиот родителски стил. Не сте должни да му бидете пријател на никого, дури и ако се работи за родителите од другарчето на вашето дете. Ако на децата им покажувате дека во вашиот живот нема место за луѓе поради кои се чувствувате лошо, ќе им помогнете и самите успешно да ги одбираат пријателите.

Ценете го својот тим

Тренери, учители, инструктори – сите тие се дел од вашиот родителски тим. Можеби детето потешко се носи со предавањата на одреден наставник или неговите методи, па се разбира дека и вие сте фрустрирани поради тоа. Но, немојте да викате и да ги обвинувате другите. Вашето дете треба да види дека другите авторитети ги третирате со почит. Побарајте приватен разговор со наставникот или тренерот и човечки прашајте што можете да направите за вашето дете подобро или побрзо да напредува. Со тимска работа може многу да се постигне, а малку се постигнува ако вперувате прст и обвинувате.

Вежбајте љубезност

Помогнете некому да ја премине улицата, задржете ја вратата или кажете му нешто убаво на соседот. Без да правите голема работа од тоа, разговарајте со детето за тоа како се чувствувало додека сте правеле нешто неочекувано и љубезно. Разговарајте за тоа како другиот човек се чувствувал кога сте му помогнале и сте му упатиле комплимент. Исто така, ако некој ви ја задржи вратата, застанете на момент и кажете како сте се чувствувале поради тоа. Кажете: „Обожавам кога луѓето го прават ова“ – и на тој начин испратете јасна порака.

Не грижете се за факултетот до матурата

Вашето дете ќе се запише на посакуваниот факултет дури и ако не стане најдобриот виолинист на училиште до второ одделение. Други родители ќе се обидуваат да ве уверат во спротивното, но само затоа што во тоа некој веќе ги уверил нив. Детството и адолесценцијата се време за искусување нови работи и откривање она што ви се допаѓа. Многу деца се насочувани од родителите за изборот на факултет, а децата ќе го мразат факултетот уште пред приемниот испит. Факултетот е само уште еден период во животот на детето, а не крај на играта.

Бидете трпеливи

Децата не се раѓаат трпеливи. Тие тоа го учат гледајќи ве вас. Па кога ќе заглавите во ред или во сообраќај, дишете длабоко пред да станете бесни. Покажете му на детето дека е во ред да се биде фрустриран со нешто, но притоа задржете ја смислата за хумор.

Мали работи

Валканите чинии не ги оставаме во кујната, туку ги ставаме веднаш во машината за садови. Капутите не ги оставаме префрлени преку стол, туку ги закачуваме на закачалка. Празните кутии не ги оставаме низ домот, туку ги рециклираме. Наместо постојано да приговарате, научете ги децата веднаш да се занимаваат со малите работи за да ја задржат уредноста.

Често смејте се

Насмевката не е само резултат на среќа. Некои истражувања покажуваат дека може да бидат и нејзина причина. Кога се смеете, помалку сте под стрес и детето подобро ќе ве слуша. Кога се смеете, ви се менува начинот на говор и децата чувствуваат разлика, а поради тоа се менува и атмосферата во домот. Насмевката е едноставна, бесплатна и забавна.

Печете или купувајте кекси

Децата сакаат да престојуваат во просторот во кој ќе пронајдат нешто вкусно за грицкање. Кога на вашето дете во посета ќе му дојдат пријатели, понудете им забавни грицки. Ако вообичаено не јадете таква храна и повеќе сакате чоколади отколку здрави намирници, подгответе посебна резерва и за гости.

Потсетете се на своето детство

Какви сте биле вие како дете или тинејџер? Бидете искрени. Дали сте биле организирани како денес? Дали сте правеле сè што ви рекле? Голема е веројатноста дека не било така. Ви требало многу време за вашиот рационален и неимпулсивен дел од мозокот да се развие во целост. И вашите деца растат во возрасни луѓе како што сте растеле и вие.

Автор: Сузан Г. Гроунер

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top