Од каде се овие нереални барања што родителите им ги поставуваат на своите деца, од каде е нивната потреба да им го структурираат слободното време и каде исчезна старото, добро безделничење?

„Супер сме. Никола оди на англиски и добро му оди“, беше одговорот на една моја пријателка кога ја прашав како е. Во овој одговор нема ништо спорно освен фактот дека Никола има 10 месеци. Тоа е весело бебе, старо 306 дена, со тркалезни обравчиња и бистар поглед, кое сè уште, речиси неочекувано, не зборува. На ниту еден јазик.
Чекајќи заедно Никола по некое чудо да изброи до десет или весело да каже четири бои на англиски јазик, неговата мајка љубопитно ме праша: „Размислуваме и за тоа да го запишеме на ‘ментална стимулација’ и на една феноменална музичка работилница. Ти си дел од тоа, што мислиш, дали тоа е ок?“

Различните програми што се нудат речиси од моментот кога детето ќе заплаче во родилиштето се дел од паралелниот систем на искуства, воспитувања, образование кој ги следи дел од децата и нивните родители до доцната животна возраст. Тоа е системот кој во најголема мера го користат семејствата од привилегираното социо-економско опкружување. Тие семејства структурирано и стратешки вложуваат значајни финансиски средства и труд во тој систем. И тој систем од моментот кога децата ќе тргнат во градинка или на школо ја одредува целокупната семејна динамика: од тоа што и кога се јаде, кога се станува и легнува, преку тоа кога и како ќе се караат и смируваат до тоа кога и како ќе се љуби и ќе се води љубов. А најмногу од сè, овој систем влијае врз тоа како ќе растат децата.
Во најубавите години од детството што допрва го очекуваат, Никола штом ќе прооди ќе биде вклучен во некој облик на спортска активност која ќе се менува во годините во градинка. Откако ќе тргне на школо, тој и родителите ќе се одлучат за една од нив.

Вчера балет, денес роботика, утре кошарка

Англиски ќе продолжи да учи надвор од училиште и покрај фактот дека странски јазик како задолжителен предмет се учи од прво одделение. Можно е во некој момент да почне да учи и втор странски јазик на курс, иако повеќето јавни училишта нудат втор странски јазик во погорните одделение. За да биде во тек со „потребите на 21 век“, од прво одделение ќе почне да посетува и школо за млади програмери. И бидејќи родителите му се многу амбициозни, Никола најверојатно ќе посетува многу програми и работилници кои не се научно втемелени и докажани, а насочени се кон ‘зголемување на интелигенцијата’, ‘ширење на способноста за внимание’, ‘развој на левата или десната страна на мозокот’… Исто така, многу веројатно е дека родителите во трето одделение ќе го запишат Никола во музичко училиште. На клавир или гитара, во зависност од неговиот избор. Од втор клас средно училиште Никола и родителите ќе користат услуги од приватни наставници за оценките да му бидат подобри. Како матурант, ќе запише разни подготвителни курсеви за полагање на испитот за државна матура, иако и тоа бесплатно му го овозможува училиштето. Но она што не се плаќа од сопствениот џеб – не е квалитетно, што ќе се плати- вреди…

Каде исчезна безделничењето?

Еднаква корист како од учењето кинески јазик или програмирање децата може да имаат и од заедничката игра во паркот и на школското игралиште, која нема да биде структурирана од возрасно лице или родител. Преку разговор со врсници при неструктурирани активности, децата развиваат неопходни социјални и комуникациски вештини кои не можат да ги стекнат на ниту една работилница. Со учество во ситни испади и учењето за меѓусебните односи, за моралот и етиката ќе научите повеќе отколку на кој било час по веронаука. Во светот на изразено достапни информации што доаѓаат од различни екрани и светот во кој сме им наметнале целосна структура, сме ја занемариле потребата за нешто по кое често копнееме: безделничењето. Во стравот од досада го занемаруваме фактот дека токму безделничењето често е простор за креација, иновација, хумор без оглед дали имаш 8, 12, 28, 46 или 93 години. Неструктурираните активности и безделничењето се простори во кои младите лица можат да рефлектираат кои се и што се, кој сме ние другите и што е сето она околу нив. Безделничењето е важно, а ние по сопствен избор сме им го укинале на децата.

Основната причина за високото структурирање на активностите на децата и младите е очекувањето дека нашите деца со таквите избори ќе дојдат до одредена компаративна предност во животот. Искуствата за децата ги одбираме замислувајќи ја идеалната личност на денешницата: когнитивно способна, насочена кон физичка активност и здрав живот, ја цени уметноста и се изразува уметнички, може да комуницира во глобализираниот свет и да оди во чекор со развојот на технологиите. Тоа е слика за личност каква што и самите би сакале да бидеме, а која толку непромислено ја проектираме врз сопствените деца…

„Премногу му е тоа“, ѝ одговорив на пријателката додека на Никола му протече носето. „Имам подобра идеја. Играјте ‘Не лути се, човеку’ наместо сето тоа, како семејство“, додадов.
„Не шегувај се со мене. Никола е премлад за тоа“, ми одговори таа.

Автор: Ворис Јокиќ



912

X