Хрватското Министерство за наука и образование ставило во јавна расправа нацрт-документ за воведување нов предмет кој експериментално ќе се изучува во избрани основни училишта во Хрватска. Се работи за „Практични вештини“, нешто како „Домаќинство“, кој всушност бил и задолжителен предмет во сите училишта од поранешна СФРЈ.
Во рамките на овој предмет учениците треба да се оспособат за подготовка на здрави оброци, креирање план за потрошувачка, укажување прва помош, едноставна поправка на обувки и облека и слично.
Предметот ќе се изучува во првите четири одделенија од основното образование и ќе се состои од три дела: „Создај и дејствувај“, „Техниката околу нас“ и „Квалитет на живот“.
Во првиот дел ќе биде вклучена практичната работа на учениците, за изработка на работи од достапни материјали, преку користење различни техники на работа, како што се, на пример, сечење, спојување, виткање, моделирање и обликување.
Во делот „Техниката околу нас“ учениците ќе се запознаат со техниките и технологиите, додатоците, алатките и уредите што се користат – и на овој начин, очекувано, ќе ги развијат вештините за користење и за едноставни поправки на овие уреди.
Делот „Квалитет на живот“ е фокусиран на развивање на основните вештини за грижа за себе и за другите, а ќе се демонстрира употреба на додатоци, алатки и уреди за одржување на лична хигиена и хигиена на просторот, начини на укажување прва помош, начини на организирање и трошење на вашето време, како и подготовка на храна.
Нацртот предвидува и лекции за одржлива потрошувачка, заштеда и вложување пари, а посебно внимание ќе се посвети на едукацијата на учениците за учеството во сообраќајот.
912