Од Општината објаснуваат дека ова е преодно решение додека не најдат конечно решение заедно со надлежните во Министерството за образование и наука

Со преполовувањето на училниците во училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населбата Хром во Скопје се скратуваат нормалните услови за настава, обвинија на социјалните мрежи родители на деца во ова училиште, кои објавија и фотографии од малите простории во кои учат нивните деца. Како што велат тие, бараат од директорката и од локалните власти да преземат нешто и да создадат нормални услови за настава, бидејќи просторот е мал и тешко е секојдневно да се функционира во него. Од Општината објаснуваат дека ова е преодно решение, додека не најдат конечно решение заедно со надлежните во Министерството за образование и наука (МОН).

Фото: Фејсбук

„Неколку години не може да се реши проблемот“

– Ова е подрачно училиште на училиштето „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром. В година тоа треба да стане централно училиште бидејќи овде има премногу нови згради и бројот на деца и на ученици е голем. Моето дете учи во нормална училница, но некои паралелки во кои има дечиња во помал број ги ставија да учат во преполовените училници. Ние, родителите, бараме да не учат во тие училници. Има ветувања дека овој проблем ќе биде решен до Нова година, ни објаснија дека проблем е имотниот лист кој не дозволува проширување и доградби. Сегашните услови не се соодветни, многу е мал просторот за да може да се функционира во него. Неколку години не може да се реши проблемот, се провлекува, а родителите постојано бараат да се реши – вели родител на ученик во ова училиште.

Во објавата родителите реагираат дека надлежните не се воделе од процедурите и нормативите за тоа како треба да изгледа една училница, и во кои димензии треба да е истата.

„Директорката на училиштето заедно со локалните власти ги преполовува тие училници и со тоа ги крати нормалните услови за настава. На фотографиите можете да ги видите тие училници, а воедно може да видите и како треба да изгледа една нормална училница. Револтот на родителите е голем и тие на следниот состанок со директорката, на 18 овој месец, очекуваат решение на нивниот проблем или во спротивно, ќе престанат да ги испраќаат децата на училиште додека не се реши“, стои во објавата.

Фото: Фејсбук

Директорката не беше достапна за коментар, но од Општина велат дека се работи на решавање на проблемот.

– Општина Ѓорче Петров и Министерството за образование и наука се во интензивни преговори и во последниве две години се прават напори како да се реши од урбанистички аспект подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во населба Хром, по што би следувало негово доградување за наставата да се одвива до 9. одделение. Преградувањето на училниците е преодно решение за оваа учебна година за да може да се задоволат родителите и месното население, кои бараат учениците да не се префрлат и да не следат настава во централното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров. Следната учебна година ќе се направи доградба на училиштето, по што тоа ќе стане деветолетка, а преградните ѕидови ќе се отстранат – велат од Општината за „Деца.мк“.



912

X