Воспитување

Од аголот на една тинејџерка: Ова не е текст за паметните родители

Паметните родители не мора да го читаат овој текст. Што може да му каже едно девојче од 17 години на паметен родител?

Што би поправал паметниот родител во односот со своите деца? Паметниот родител нема проблематични деца. Паметниот родител не е проблематичен за своите деца. Тие имаат заеднички проблеми, но со други луѓе. И заеднички ги решаваат. Паметниот родител станал родител затоа што го сакал тоа. Никогаш на своето дете не му рекол: „Те носев под срцето 9 месеци“, „Се породував 3 дена“… Што очекува да одговори детето на таквото „жртвување“, особено тинејџерот… На пример: „А зошто за тоа не си размислувала 9 месеци порано?“ Паметниот родител не спиел ноќе додека детето го мачеле запчињата, вирусите и настинките и не бил нервозен.

Бил подготвен на тоа бидејќи ако морал со ноќи да оди по клубови, може некоја ноќ да помине и со своето дете. Така учат дека еден на друг си се рамо за плачење иако тие ноќи и поголемиот дел од соседството учествува во таа размена на емоции. Паметниот родител не го тера детето да прооди во различни ортопедски помагала. Баш му е гајле што со таквата информација ги фасцинира таканаречените пријатели и завидни роднини од внатрешноста. Тој знае дека никогаш нема да ги воодушеви и дека секогаш ќе ги споредуваат неговите со своите деца. Се разбира, тие сè направиле и побрзо и подобро.

Паметниот родител ужива во секој момент и не го доживува родителството како натпревар.

Паметниот родител не губи време листајќи различна литература и интернет во потрага по одговорот „Како да се биде совршен родител и како да се воспита совршено дете“. Одговори и онака нема да најде. Тој се труди да биде совршен за своето дете, а не да биде пример од книга.

Паметниот родител не го тера детето да се описмени пред тргнување на училиште. Буквите се ситница во животот која секако ќе ја совладаме. Тој не прескокнува лекции и не се брза. Но, своето дете ќе го научи дека обврските што пристигнуваат кога им е време, треба да се завршуваат „човечки“ и најдобро што може.

Паметниот родител не го уценува сопственото дете. Всушност, паметниот родител не уценува никого. Тој знае дека од таа работа нема фајде. Брзото дете ќе го сфати системот на уценување и го претвора во бумеранг. Е тогаш настапува „војна на светови“ во милион продолженија. Многу почесно е НЕ да биде НЕ. Има само една ситница: паметниот родител користи НЕ само кога нема друго решение. Паметниот родител му понудува на детето да испроба разни спортови. Така ќе стекнува нови пријатели, ќе поминува убави моменти, а што е најважно, детето со радост ќе учествува во сите спортски дружења. Цел живот… не создава клонови на Новак Ѓоковиќ. А ако сепак се случи, сите ќе ги славиме медалите.

Паметниот родител е видовит. Тој зборува со своето дете, но некако повеќе слуша. Додека слуша, проголтува сто кнедли, држи вода во устата и се гризе за јазикот. Сите информации ги „преноќува“, па ги помешува со интуиција. Таа слика ја провлекува низ филтерот на тинејџерските години, па дури тогаш прави сценарио за филм. А филмот мора да биде опуштен, лесен, мудар и по малку комедија. Ма за „Оскар“…

Паметниот родител не го навредува ниту своето ниту туѓите деца. Особено не ги навредува децата со кои неговото дете се дружи. Не дозволува лесно да му излета навреда. Вербалното насилство е на чекор до физичко насилство. Тој знае дека жалењето на некоја „изгубена душа“ е поделотворно од набројување на сите маани кои се сепак само претпоставка на еден родител. Реално…

Паметниот родител не оди на училиште, па „со задникот да ја затвора вратата“ и за себе и за детето. Не прави од пријателите непријатели. Не ја истерува правдата по ходниците и социјалните мрежи. Тој го чува своето дете и му создава пријатели подобри отколку што самото избрало.

Паметниот родител не остава зад себе дилеми и проблемите ги решава веднаш. Тој го учи своето дете дека проблемите се решливи. Кога ќе се појави нерешлив проблем, и прифаќањето на ситуацијата е решение. Не бара виновник, туку решение. Не губи време на лелкање и омилена реченица му е: „Којзнае зошто е тоа добро“… И навистина е добро.

Паметниот родител не чека 15 години за да почне да работи на односот со своето дете. Тогаш веќе се странци од различни светови. Нема шанси да најдат заеднички јазик.

Паметниот родител не сака да игра „на среќа“, туку „на памет“. Не игра на тоналитет. Не игра на сила. Не создава страхопочит, туку почит.

Паметниот родител, пред да заспие, ги премотува случките. Ако неговото дете мирно спие, и тој може мирно да спие. Му се може бидејќи е паметен секој ден, веќе со години, и бидејќи е искрен и јасен. И опуштен. И едноставен. И оправеден. И само свој… и од детето!

И сега нешто размислувам. Што сум јас и за кого сето ова го пишував…
Паметниот родител ништо ново нема да научи, а непаметниот и така ништо нема да разбере.

Автор: Наталија Томиќ

Извор

Поврзани написи

To top