Технолошките уреди станаа секојдневие на денешните деца. Поради тоа, секогаш на децата им го поставувам прашањето: Што е тоа без што не можеш? Деведесет отсто од децата со кои работам одговараат: „Не можам без телефон“. Еден родител ми рече дека нивната 7,5-годишна ќерка поминува 22 часа на „Јутјуб“, премногу ја сака и посакува да има сè што има нејзината омилена јутјуберка. Еден родител ме праша дали е во ред нивниот тригодишен син да поминува време пред телефон додека родителите работат онлајн од дома, истакнувајќи дека тоа би биле три до четири часа во денот. Дали е ова премногу? Секако дека да.

Едно предучилишно дете би требало да поминува половина час во денот дружејќи се со уред, најдобро ТВ-приемник на кој ќе го гледа својот омилен цртан, најдобро на мајчин јазик. Училишно дете би требало да поминува максимум еден час пред уред гледајќи содржина која е контролирана од страна на возрасните или играјќи игра која позитивно влијае врз неговиот развој и целокупната психо-физичка состојба.

Обрнете внимание на вашата виртуелна дадилка!!! Таа најчесто ги учи децата неправилно да седат, да не користат ништо освен показалец, да трпат болка и чешање во очите, да се лутат кога таа не е присутна, да не одговараат на поставени прашања, да јадат без да знаат што јадат, да ја гледаат со главата свртена надолу. Одвојте време детето најмногу половина час во текот на денот да помине со неа, а потоа наградете го со една спортска прошетка во природа, пешачење или возење велосипед, играње криенка или брканица.

Иако таа не ве удира по џебот, ако поседи подолго од потребното време во вашиот дом, може да биде и ТОКСИЧНА.

СОВЕТ КОЈ МНОГУ ЌЕ ВИ КОРИСТИ: Доколку одите или подолго патувате некаде, секогаш во својата чанта или во својот автомобил, освен потребните работи, понесете и една сликовница или книга, па наместо телефон, понудете му на вашето дете книга.



912

X