Октомври е месец посветен на невидливата попреченост, а од 17 до 23 октомври во светот се обележуваше Неделата на невидливата/скриената попреченост
Сите деца се еднакви, сите имаат исти вредности, a дискриминацијата не е детска игра. Ова е генералната поента што на децата од мали треба да им се предочи за да научат да ги почитуваат другарите без разлика на нивната попреченост. Една таква цел треба да постигне креативната идеја иницирана од Здружението на граѓани за граѓански активизам, хуманизам, правна заштита, економија, култура, едукација, информатичка технологија, социјална заштита, родова еднаквост и инклузија „Куќа на среќата“.
Со инклузивната боенка, која засега е новина во Македонија, децата се запознаваат со различноста, учат дека сите се еднакви, без разлика на попреченоста, дека не треба да им се потсмеваат, да се прашуваат или, пак, да бегаат од децата со попреченост. Токму и месец октомври е посветен на невидливата попреченост. Од 17 до 23 октомври во светот се одбележуваше неделата на невидливата/скриената попреченост.
Да ги подготвиме и научиме децата да ги прифатат различностите
Преку сликите во боенката на која се прикажани деца во инвалидска количка и деца со различни видови попреченост, децата учат да не се дискриминираат и се учат на тоа дека различни деца со различни способности играат заедно, заедно се дружат, заедно учат.
– Дали некогаш со вашите деца имате боено боенка во која се опфатени слики со деца со атипичен развој? Дали дома разговарате со вашите деца за прифаќање на различностите и за различните можности и потреби на другите деца? Да го вклучиме секое дете преку боење да се стимулира и да ги прифати различните од себе. Секое дете да може да разбере дека сите сме еднакви, но едноставно имаме различни потреби и различни можности и дека секој од нас е уникатен – велат од Здружението.
Тие предлагаат тоа да се направи и во градинките.
– Да ги подготвиме и научиме децата да ги прифатат различностите и гласно да размислуваат и да разговараат за различните потреби на другите деца со попреченост.
Оттаму ги замолуваат сите што имаат дечиња да им објаснат дека постојат дечиња кои се поразлични од нив и заслужуваат да бидат прифатени и сакани.
– Можете слободно да ги фотографирате обоените страници и да ни ги испратите во порака, а ние ќе направиме фотоалбум од нив. Ви благодариме однапред ако бидете и вие дел од инклузивната свест во нашето општество! – порачуваат од „Куќа на среќата“.
На креативен и забавен начин до свесност за инклузивноста
Според „Куќа на среќата“, важно е дека додека децата бојат, родителите да бидат во нивна близина и заедно да водат разговор за илустрациите. Целта е на креативен и забавен начин да се подигнува свесност кај нашите деца.
Бидете достапни за детето да ве праша доколку нешто му изгледа поинакво и невообичаено. Кога детето ќе постави прашање, треба да му возвратите со прашање што мисли тоа и да даде свое слободно мислење, без да го коригираме и критикуваме, независно како ни звучи одговорот. Понатаму го насочуваме детето со прашања на кое тоа треба да одговори, а да дојде до сознанието дека различностите не се пречка за дружба. Бидете креативни, конструктивни и подготвени за забава – објаснуваат од Здружението.
912