Ќе признаете, облекувањето на децата може да биде напорна активност. Едвај ќе ги облечете во облеката, а веќе почнуваат поплаките – овде ги стегало, онде им висело, а тука се и барањата да се следат модните трендови.
Најпријатно е да се трча наоколу во пижами или по долна облека. Чувството на слобода е непроценливо. За жал, не е општествено прифатливо да се излегува во јавност во пижами, па тоа основно знаење мора да им го пренесете на децата.
Дали облекувањето е акција на која не ѝ гледате крај? Ве разбираме, станува збор за сериозна борба. Но, мисијата да се излезе од дома облечен и навреме е можна. Еве неколку совети што ќе ви го олеснат процесот:
1. Дозволете им да избираат
Без разлика дали имате три или триесет и три години, самиот факт дека имате избор ви дава чувство на контрола. Затоа, дозволете му на детето да си ја избере комбинацијата, но од ограничен избор. На пример, понудете две опции и нека одбере една. Тоа е победничко решение за двете страни.
2. Играјте: „Кој побрзо ќе се облече?“
Децата имаат изразен натпреварувачки дух. Сè што има нота на игра им е интересно. Ајде да видиме кој прв ќе ги облече панталоните!
3. Облекување со музика
Постои причина зошто има детски песнички за секоја активност – од миење заби до облекување чорапи. Децата ја сакаат музиката, а со неа сè е позабавно и полесно се учи. Пуштете музика, пејте и нека почне облекувањето.
4. Награда
Понекогаш добро доаѓа и мала награда. Тоа не мора да биде играчка или слатки – понудете дополнителни 15 минути игра. „Ако се облечеш навреме, вечерва ќе си играме 15 минути подолго“.
5. Одете заедно на купување
За да се облечете, ви треба облека. Организирајте заедничко купување каде што детето ќе има слобода на избор (повторно, лимитиран). Така подоцна ќе можете да го потсетите: „Ајде да го облечеш тоа што сам го одбра пред некој ден!“
6. Насочете им го вниманието
Понекогаш мора да излезете веднаш. Во такви итни ситуации пуштете краток цртан филм. Децата тогаш се помирни и ќе ги облечете за неколку минути. Користете го ова само кога навистина е итно.
7. Облекувајте се заедно
Вие сте му идол на вашето дете. Кога ве набљудува како се подготвувате секој ден, тоа ќе сака да ве копира. Кажете дека е време за облекување и правете го тоа тимски, чекор по чекор.
8. Забавувајте се
Модата е начин да се изразиме и таа е забавна. Пренесете им го тоа на децата. Прашајте ги кои бои ги прават среќни и нека ги носат тие бои, дури и ако нивната омилена боја е „шарена“.
9. Исфрлете ја тесната облека
Децата брзо растат. Сè што им станало мало, извадете го од плакарот. На децата треба да им биде комотно во облеката, ништо не смее да ги стега. Купувајте малку поудобна облека.
10. Стратешко облекување
Едно правило важи секогаш: децата се облекуваат во просторија од каде што не можат да побегнат. Ако има простор за трчање, тие веднаш ќе почнат да трчаат. Затоа, бидете мудри и облекувајте ги во потесен простор – нема каде да бегаат, а вие ќе завршите за миг.