Облекувањето е важно, но однесувањето е уште поважно. И едното и другото се поврзани. Наставник кој знае како да се однесува секогаш е и пристојно и уредно облечен, велат педагозите

Училиштето е огледало на општеството. Наставниците се најважните личности, кои се пример, на кои ќе се угледуваат учениците. Нивното однесување, изгледот и начинот на комуницирање имаат големо влијание врз животот на децата и токму поради тоа, тие треба да се изборат да бидат луѓе вредни за почит во околината. Почитувањето на младите генерации кон постарите е многу важно бидејќи вообичаено тие ги усвојуваат и ги прифаќаат вредностите на повозрасните.
Во реалноста сликата е малку поинаква. Има наставници што внимаваат на облеката во која се појавуваат пред учениците, но има и такви што на работа се појавуваат во искинати фармерки, со маички на прерамки и во патики. Наставнички знаат да се појават на работа во блузи со длабоки деколтеа, многу кратки сукњи, а неретко и со несоодветна шминка и фризура.
Унифицирани правила за облекување на наставници, професори, но и ученици треба да има на ниво на држава, но засега во Министерството за образование и наука не размислуваат за воведување вакво нешто. Додека чекаме конкретни одлуки, педагозите сметаат дека и тоа како има потреба од кодекс на облекување и однесување.
Марија Костовска, наставник по македонски јазик во училиштето „Блаже Конески“, смета дека е неопходно да постои кодекс на облекување.

– Наставниот кадар треба да е униформиран. Ние, професорите и наставниците, не само со начинот на нашето изразување и предавање, туку и со начинот на кој се облекуваме испраќаме порака до нашите ученици. Пристојното облекување и пристојното однесување подразбираат и промовирање на морални вредности. Секое училиште треба да си формира комисија која ќе го уреди начинот на облекување според можностите на вработените – вели Костовска.

Униформи во Велика Британија, Австралија, Јапонија…

Проф. д-р Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ смета дека има сериозна потреба од кодекс или можеби правила за стилот на облекување и на учениците и на наставниците, кои ќе бидат задолжителни за сите во основните и во средните училишта.
– Потребно е сите училишта да потпишат кодекс за облекување. Тоа е прашање кое може да го решава секоја општина или училиште, но може и на ниво на образовен систем да го решава МОН, што мислам дека е подобро решение. Целта на дрес-кодот е да постојат дефинирани или изградени правила кои пренесуваат порака што ја дава облеката, а тоа е учениците да сфатат дека додека се на училиште, треба да бидат фокусирани и концентрирани на своите обврски, на учењето и наставата, а не на некаков материјален натпревар кој го одвлекува вниманието од учењето и воспитувањето – вели тој.
Кога тој и неговите колеги ги учат на факултет нивните студенти-идни наставници им кажуваат дека треба да бидат облечени пристојно и уредно, но, сепак, тоа многу се релативизира.
– Многу поединци забораваат или не знаат што е тоа скромно, пристојно облекување на наставник. Облекувањето е важно, но однесувањето е уште поважно. И едното и другото се поврзани. Наставник кој знае како да се однесува секогаш е и пристојно и уредно облечен. Постојат примери во светот кои се интересни за анализа. На пример, во Велика Британија, Австралија, Јапонија и во многу други земји се носи униформа. Во Кина дури учениците мора да носат жолти капи за да бидат видливи во сообраќајот. Тоа се правила кои мора да се почитуваат – појаснува тој.

Губењето на авторитетот остава последици врз учениците

Ако образовниот систем, преку образовниот и административен кадар, нема изградено вредносен систем, тогаш детето или адолесцентот го прифаќа вредносниот систем на своите врсници, улицата, медиумите, средината, вели проф. Барбареев.
– Губењето на авторитетот на учителот има негативни последици врз односот на учениците кон другите и училиштето. Теодор Лит вели дека училиштето е родното место на новиот подобар свет, па поради тоа, тоа треба да се одвои од она што сега се случува. Училиштето треба да се изгради во „место за живот на младите“ во кое ќе се развиваат силите на новото обликување. Почитувањето е чувство кон одредена личност за која се верува дека има такви квалитети кои вие високо ги почитувате. Самопочитување е кога личноста чувствува кон самата себе дека има такви квалитети, кои самата високо ги почитува. Според тоа, почитуван е оној човек што некој го чувствува како важен, како личност која треба сериозно да се земе предвид. Кога младите ги почитуваат постарите, тоа значи дека во нив гледаат отелотворување на своите вредности – вели професорот.

Добар пример од практиката

Во главниот град, но и во повеќе градови во Македонија има училишта во кои и учениците и наставниците носат униформи. Едно од нив е Основното училиште „Тоде Хаџи-Темов“ во Кавадарци, во кое сите наставници носат виолетови мантили, како дел од кодексот на облекување и однесување усвоен од училишното раководство. Мира Симоновиќ, професор по одделенска настава во ова училиште, вели дека е многу важно како се облечени наставниците додека се на работа.
– Во нашето училиште постои кодекс на облекување кој се однесува и на учениците и на вработените. Ние, вработените, носиме виолетови мантили, а учениците зелени маички со блузони. Ние, наставниците, сме им пример на децата, тие од нас учат многу работи и затоа е многу важно како сме облечени. Јас сум лично поборник за носење униформи бидејќи наставникот ја претставува установата, тој е пример е за секој што ќе дојде однадвор. Децата, пак, наместо да си велат „твоето фустанче е вакво или онакво“, си имаат униформи и не се загледуваат едно во друго. – вели наставничката Симоновиќ.

Атанасов: Ќе настојувам да се врати угледот на наставниците

Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов за Деца.мк вели дека засега не се размислувало за воведување дрес-код на ниво на држава, но тој размислувал за подобрување на статусот на наставниците во општеството.
– Во овие 30 години наставниците ја изгубија позицијата што ја имаа во општеството. Ќе поработиме на подигнување на општествениот статус на наставникот во сите аспекти, и во финансиско наградување, во давање поголема слобода на наставникот во воспитувањето на децата, во изградбата на вредностите. Наставникот има примарна улога во тоа, дрес-кодот е само еден од елементите. Јас ќе работам во таа насока, а можеби и општините треба да се позанимаваат со оваа проблематика бидејќи тие се основачи на училиштата – вели Атанасов.



912

X