Бетонска основа на цело игралиште воопшто не е безбедно решение за нашите деца
Многу се израдувавме што добивме ново игралиште и што старата руина повеќе ја нема. Уште посреќни сме што не никна нова зграда. Но, кога веќе се гради нешто ново и е наменето за децата, треба да биде внимателно изработено и пуштено во употреба тогаш кога е готово. Бетонска основа на цело игралиште воопшто не е безбедно решение за нашите деца и дури по 10-ина дена откако престанаа градежните работи нè известија од Општината дека игралиштето не е безбедно – велат станари од Карпош 2 во врска со новото инклузивно игралиште што е изградено на улицата „Веселин Маслеша“.
Деца.мк се заинтересира за проектот, со оглед на тоа дека бетонско игралиште воопшто не е безбедно за децата. Игралиштето во оваа населба беше слободно за користење, односно незаградено или без предупредување повеќе од 10 дена, а децата веќе го користеа. И сега, и покрај писменото предупредување, деца сепак играат. Игралиштето сè уште не е заградено.
Од Општина Карпош ни посочија дека игралиштето е во целосна реализација на Град Скопје.
Лулашката не се затвора добро и е опасна за децата
– Тие го објавија тендерот, ја одбраа фирмата и планот за тоа како ќе изгледа игралиштето. Општината само ја одобри локацијата. Што се однесува до бетонската подлога, стручните служби на Општина Карпош дадоа мислење и предлог да се промени бетонската подлога, односно да се постави гумена, со цел да биде поголема безбедноста на децата што ќе го користат. По општинската иницијатива до Градот за нова подлога, очекуваме дека нивното ветување ќе се оствари најдоцна до февруари, кога и би требало да биде целосно готово. Се надеваме дека поставените реквизити ќе бидат соодветни за возраста на децата што ќе го користат. За сѐ што сметаме дека не е соодветно, општинските служби ќе реагираат до одговорните во Град Скопје, бидејќи нашата цел е децата да бидат безбедни и згрижени – велат од Општината.
Бетонот не е безбедна подлога за децата
Од Град Скопје ни објаснија дека овој проект се реализира во две фази: првата фаза (поставување реквизити) е завршена, а набрзо ќе биде распишана јавна набавка, по што ќе се почне со реализација на втората фаза за поставување соодветна гумена подлога на игралиштето.
– Исто така, паралелно со ова ќе бидат поставени и упатства за правилно и безбедно користење на реквизитите – велат од Град Скопје.
На нашето прашање зошто игралиштето не е заградено додека не е безбедно, не добивме одговор од службите за односи со јавноста на Град Скопје.
– Ако игралиштето не е доправено, требаше да ги остават тарабите и да се знае дека не смее да се пристапува, како што стоеја додека се градеше. Едната лулашка не е стабилна, се откопчува и деца се лизгаат од неа и паѓаат. Тоа не е во ред. Нека го пуштат игралиштето тогаш кога ќе биде комплетно готово. Кога е незаштитен просторот, кој ќе одговара доколку му се случи нешто на некое дете – вели родител од ова маало.
912