Нова студија од американската болница „Ц.С. Мот“ покажала дека поголемиот дел од децата користат цуцла (51 %), а околу една четвртина ги цицаат прстите или палците. Значи, ако вашето дете има проблем да се одвикне од цуцла или палец – не сте сами.
Дали е ова нормално?
Експертите велат дека во првите месеци од животот ова е сосема природно. Дури се препорачува да се користи цуцла за време на спиењето бидејќи може да го намали ризикот од СИДС (синдром на ненадејна смрт кај новороденчиња). Бебињата се раѓаат со рефлекс на цицање, што им помага да се смират.
-Цуцлите и цицањето палец често се првите форми на самосмирување кај децата. Како што растат, тие учат да се тешат на други начини, како што се гушкање ќебе, со нишање или со потпевнување – објаснува педијатарот Моли О’Шеа.
Кога навиката станува проблем?
Иако првично е корисна, долготрајната употреба на цуцла или цицање палец може да му наштети на развојот на забите и вилиците. Американската академија за педијатрија препорачува овие навики да се прекинат најдоцна до двегодишна возраст, а секако пред да никнат трајните заби.
Д-р Џенел Фери, педијатар од Флорида, исто така истакнува дека продолжената употреба на цуцлата го зголемува ризикот од инфекции на ушите, особено по 12 месеци.

Како да ги одвикнете?
Идеално е да се започне со одвикнување помеѓу една и две години. Во тоа време децата сè повеќе развиваат други начини за смирување. Можете да им помогнете со воведување ќебе, кадифена играчка или едноставни техники како дишење или потпевнување.
-Некои деца полесно ги прифаќаат промените, додека на други им треба повеќе време. Нема смисла да се чувствувате виновни ако одвикнувањето не оди непречено – вели д-р О’Ши.