Доаѓа празничен период на кој најмногу се радуваат малите деца, кои се надеваат на снегулки и на подароци под елката. Но, новите генерации не очекуваат подароци како што очекуваа децата пред пет, десет или повеќе години бидејќи многумина не сакаат физички подароци што може да се завиткаат и стават под елката.
Она што не се променило е тоа што голем дел од децата сè уште сакаат подароци поврзани со видеоигри, особено момчињата. Според истражувањето на Здружението за софтвер за забава, 72 отсто од младите луѓе на возраст меѓу 10 и 17 години во САД сакаат подарок поврзан со видеоигри за Божиќ, од кои 82 отсто од момчињата и 59 отсто од девојчињата сакаат такви подароци.
Од децата што сакаат подароци поврзани со видеоигри 39 отсто сакаат претплата на видеоигри или услуги за игри како што се „екс-бокс/пи-си гејм пас“ или „плејстејшн плус“, додека на четврто место (29 отсто) се виртуелните валути кои можат да се користат во игрите. Иако повеќето, се разбира, претпочитаат вистински пари, виртуелните валути се исто толку важни за гејмерите и тие се користат во игри како „Роблокс“ и „Фортнајт“.
Сепак, не е сè до дигиталните подароци и некои гејмери сè уште сакаат добар стар хардвер. На второ место на нивните желби (38 отсто) се играчките конзоли. Во истражувањето не се наведени брендовите кои гејмерите најмногу ги сакаат, но јасно е дека повеќето од нив ги сакаат новите „плејстејшн“, „екс-бокс“ или „нинтендос свич“. По конзолите, на трето место се хардверските периферни уреди, односно додатоците за конзоли, компјутери и слично.
Во некои претходни времиња, пред претплатите и купувањето игри онлајн, децата, барем оние што не можеа да добијат поскапи работи како конзола, честопати сакаа само игри, во физички формат, т.е. во кутија. Покрај гореспоменатите претплатни услуги, како и платформите како „Стим“, игрите во физички формат полека стануваат минато, но сепак околу една петтина (22 отсто) од децата кои сакаат подарок за игри за Божиќ, бараат такви игри во кутии.
Покрај децата, во истражувањето биле вклучени и родители, а 57 отсто од испитаниците имаат намера на своите деца да купат подарок поврзан со видеоигри, а третина од нив имаат намера да купат игри за себе или за другите. Интересно е тоа што просечната цена што имаат намера да ја потрошат за подарок за деца е дури 485 долари, што јасно покажува дека многумина размислуваат да купат конзола за игри.
Од другите подароци кои возрасните размислуваат да ги купат овој Божиќ, високо на листата се картичките за подароци и подарувањето пари, потоа гаџетите како телефони и паметните часовници, додека најдолу на листата се книгите.
912