Бали веќе има воспоставено револуционерен концепт на образование што се заснова на мислата за грижа за животната средина.
Училиштето го дизајнирал тимот што ја дизајнирал и церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Лондон.
Ова училиште ги учи учениците од каде и како доаѓа нивната храна. Практичните проблеми бараат учениците да изнајдат свои решенија. Целата идеја е да им се помогне на учениците да учат преку проекти и теми засновани на работите што ги интересираат.

Се планира да се изгради вакво зелено училиште на фарма од 48 хектари во Оакура, Нов Зеланд. Основачи на зеленото училиште во Нов Зеланд се Мајкл и Рејчел Перет, чии деца го посетувале зеленото училиште во Бали. Тие објаснуваат дека нивните деца станале посамоуверени, посвесни, посреќни и поприсутни во ова училиште. Токму тоа ги инспирирало да обезбедат иста можност за децата во нивната земја.
Цената за изградба на училиштето сè уште не е позната, меѓутоа, познато е дека ќе се користат рециклирани цевки, локален бор и други одржливи материјали.
За да им се помогне на децата да ги разберат и да создадат позитивни промени во својот свет, училиштето користи еколошки и социјални проекти, релевантни за нивниот наставен план. Така, проектот „Збогум, збогум пластични кеси“ е еден таков пример. Проектот бил создаден од сестрите Мелати и Изабел Вијсен, па ги инспирирал другите деца од целиот свет.

Зеленото училиште во Нов Зеланд ќе има училници, простории за состаноци, градини за пермакултура, соработка со средината и заедницата, како и зелен камп за посетителите. Училиштето ќе се обиде кај децата да поттикне вештини потребни за решавање на тековните и идните социјални и еколошки проблеми. Освен тоа, зеленото училиште ќе им даде можности за учење на наставниците и заедницата како една целина.