Воспитување

Нов закон во Кина: По разводот жената добива исплата и за домашните обврски што ги извршувала

Суд за разводи во Пекинг донел пресуда мажот да компензира финансиски за домашните обврски што ги извршувала неговата сопруга во текот на нивниот брак. Жената ќе добие 50 илјади јуани, или 7.700 долари, за потрошените 5 години на домашни задачи. Овој случај поттикнал голема дебата онлајн во однос на домашните обврски, а некои велат дека сумата од компензацијата е многу ниска.

Оваа пресуда произлегува откако Кина воведе нов граѓански закон. Според податоците од судот, човекот со презиме Чен поднел барање за развод минатата година од својата жена со презиме Ванг, а во брак биле од 2015 година. Таа не била подготвена за развод на почетокот, но подоцна побарала финансиска компензација, давајќи аргумент дека Чен не извршувал ниту една од домашните обврски, ниту пак преземал некои од одговорностите за грижа за синот. Судот донел одлука во нејзина корист, па сега Чен ќе мора да ѝ исплаќа по 2 илјади јуани месечно, како и еднократна сума од 50 илјади јуани за извршувањето на домаќинските работи.

Судијата истакнал дека поделбата на имотот на брачните партнери обично се врши во еднакви делови по разводот.

„Но, домашните задачи се голем дел од имотната вредност на сопружниците“, рекол судијата. Новиот закон стапил во сила оваа година. Според него, сопружникот има право да бара компензација кога ќе се случи развод ако ја носел поголемата одговорност и товар во однос на грижата за домот, за децата или постарите членови на семејството. Претходно, лицата што се разведувале можеле само да бараат компензација ако бил потпишан предбрачен договор – невообичаена практика во Кина.

На социјалните медиуми, пак, се развила голема дебата. Некои корисници потенцирале дека 50 илјади јуани е малку.

„Без зборови сум бидејќи е потценета работата на жената која ја извршувала постојано. Во Пекинг да најмите дадилка за цела година чини повеќе од 50 илјади јуани“, пишувале корисниците.

Други пак, потенцирале дека мажот треба да претпостави оти домашните задачи се на прво место за сите членови. Трети повикувале жените повеќе да им се посветуваат на своите кариери. „Дами, запомнете да бидете независни секогаш. Не откажувајте се од работата заради бракот“, напишал еден корисник.

Според Организацијата за економска соработка и развој, жените во Кина поминуваат приближно 4 часа дневно во неплатена работа – грубо проценето тоа е околу 2,5 пати повеќе од мажите. Оваа бројка е повисока од просекот во земјите што спаѓаат во оваа организација каде што жените во просек поминуваат 2 пати повеќе време извршувајќи неплатена работа, за разлика од мажите.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top